„Алкалоид“ ќе инвестира 11 милиони евра – нови 200 вработувања

Новите производни одделенија ќе се простираат на површина од 7.000 метри квадратни и ќе создадат услови за реализирање на околу 200 нови вработувања, информира „Алкалоид“ преку соопштение испратено до медиумите.

Посветеноста на перманентниот раст и развој, следењето на трендовите и најновите достигнувања во сферата на фармацијата, се главните причини поради кои во изминативе дваесет години „Алкалоид АД Скопје“ се задржа на курсот за континуирано инвестирање вложувајќи преку 200 милиони евра, алоцирани воглавно во сегментот Фармација. Инвестициските потфати во производствени капацитети и опрема, лаборатории, институт за истражување и развој, центар за контрола на квалитетот, модерен САП софтвер, технологија и добро обучен персонал – менаџментот на „Алкалоид“ ги смета за неопходни предуслови за зголемување на пласманите и интензивирано глобално позиционирање на производите на брендот „Алкалоид“. Во таа насока, се инвестициите во новите производни одделенија чиј износ ќе достигне 11 милиони евра и кои како и останатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за Добра производствена практика (ГМП).

Од планираните 11 милиони евра, 3,5 милиони ќе бидат наменети за целосно технолошко подготвување на одделението „Пакување на цврсти форми“, со површина од 2.000 метри квадратни. За потребите на одделението, нарачана е техничко-технолошка опрема во вредност од 5,2 милиони евра, вклучувајќи две автоматски линии за пакување. Вкупно 2,3 милиони евра ќе бидат инвестирани за изградба
на два нови ката наменети за производство на цврсти фармацевтски форми и придружен простор за техничко-технолошка опрема со вкупна површина од 5.000 метри квадратни.

Сето ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50 отсто, односно од сегашниот капацитет од речиси две милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од три милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми.

– Согласно стратегијата за развој и долгорочниот план за капитални вложувања, „Алкалоид“ иницира нова фаза во инвестициските активности која има за цел зголемување на производните капацитети на компанијата. Планираната инвестиција е во склад со политиката на компанијата за вложување во капитални проекти, а со оглед на тројното зголемување на консолидираните приходи од продажби во изминативе 15 години, ваквиот потфат беше неопходен за овозможување на уште поинтензивни пласмани и континуиран раст – изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на компанијата.

Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација.

error: Content is protected !!