Македонските возови се вице-шампиони во Европа по бавност
Уште едно блескаво признание за Македонија овој пат сребрениот медал иде во рацете на македонските возови кои се во државна сопственост, кои по брзина се претпоследни во Европа, а златниот медал по бавност иде кај Албанија.
Хрватска има најбавни возови во Европската Унија, со просек од само 58,2 км на час, а единствените европски земји со побавна железница што не се во Европската Унија се Босна и Херцеговина (54,5 км на час), Србија ( 54,3 км на час), Македонија (53,1 км на час) и Албанија (27,6 км на час).
Според инфографикот изработен од „Смардарт“, многу возови во ЕУ возат со брзина и до 250 км на час. Најбрзите возови се во Шпанија, со просечна брзина од 199,4 км на час, а потоа следува Франција со возови што возат со брзина од 195,9 км на час, а потоа е Италија со 169,9 км на час.
Германските возови се движат со 141,6 км на час, а во Велика Британија 134,4 км на час. Во Хрватска просечната брзина на возовите е само 58,2 км на час, што е двојно побавно од во Австрија, каде што просечната брзина е 106,8 км на час.
Во Полска просечната брзина на возовите е 114 км на час, Грција 94 км на час, Унгарија 84 км на час, Бугарија 73 км на час, а во Словенија 72 км на час.
Она што е интересно е дека француските брзи ТГВ електрични возови се најбрзи во Европа и можат да достигнат брзина од вртоглави 575 км на час, додека германскиот воз „Трансрапид маглев“ достигнува 500 км на час.
