Македонски компании со национален штанд ќе се претставуваат на значајниот прехранбен саем WORLD FOOD MOSCOW

Дванаесет македонски компани со Национален штанд од денес до 27 септември ќе се претставуваат на најзначајниот прехранбен саем во југоисточна Европа WORLD FOOD MOSCOW 2019 во Руската Федерација. Оваа значајна и врвна саемска манифестација се одржува во „Крокус експо центарот“ – најголемиот изложбен простор во овој дел од светот. Настапот на македонските компании е во организација на Македонско-рускатата стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.

На оваа водечка изложба на храна и пијалаци во Русија, македонските производители и преработувачи на свежо и конзервирано овошје и зеленчук традиционално имаат национален штанд кој се простира на површина од 100 квадратни метри, а бизнис-делегацијата се состои од 27 деловни луѓе. Секоја година овој настан поврзува илјадници бизниси од целиот свет со клучните купувачи на храна и пијалаци во Русија, вклучувајќи ги и претставниците на малопродажба од водечките синџири на супермаркети, трговците на големо, членовите на секторот HoReCa и производителите на храна.

На македонскиот национален штанд своите производи ги изложуваат извозниците на свежо овошје „Агролозар“ од Струмица, „Јуникс“ од Скопје, „Суна стар“, „Румко“ и „Аппле ленд“ од Ресен, „Душан Ќириќ“ од Росоман и „Перминдекс“ од Градско, како и производителите и извозниците на конзервирани земјоделски производи „Кривогаштани промет“ од Прилеп, „Аграр Ко“ од Кочани, „Алтера фуд“ од Гевгелија, „Конимекс“ од Скопје и „Бест фуд“ од Радовиш.

„Според руските извори, во првото полугодие извозот на земјава на овој голем и значаен пазар бележи пораст од 7,54 отсто. Руските компании во овој период увезле од Република Македонија производи во износ од 33,46 милиони САД долари и, што е посебно значајно, дури 60,6 отсто од нив се од земјоделско-прехранбениот сектор. Интересот за македонските производи меѓу руските потрошувачи е во пораст и со оглед на тоа што на оваа саемска манифестација трае рамковно договарање на пласманите за следната година, македонските бизнисмени се надеваат дека од овој голем бизнис-настан ќе се вратат во земјата со најави за натамошен зголемен пласман на своите производи на рускиот пазар“, вели Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.

Колку е тоа важно можеби најдобро зборуваат податоците од руските статистички органи дека до крајот на јуни вкупната трговска размена меѓу двете земји е речиси за четвртина помала – забележен е пад од 23,62 отсто. Обемот на размената за шест месеци изнесува нешто над 49 милиони САД долари или 15,17 милиони САД долари. Рускиот извоз во овој период е преполовен (минус 52,9 отсто) и изнесувал 15,59 милиони САД долари. Негативниот трговски биланс е на страната на Република Македонија и изнесувал 17,86 милиони САД долари. Инаку, земјава е на 90. место на листата на земји од кои Русија увезува.

WorldFood Москва вообичаено е одлична можност и да се промовираат нови производи на рускиот пазар и се очекува македонските компании да ја искористат оваа шанса. За тоа зборува фактот што во московскиот „ Крокус експо центар“ годинава изложуваат 1.762 компании од 65 земји и ќе го посетат 30.710 трговци од 80 руски региони и 98 други земји од светот. Се очекува вкупна посета од 80.000 луѓе.На саемскиот простор се лоцирани 64 национални штандови, меѓу кои и од Република Македонија (8 од Америка, 9 од Африка, 23 од Европа и 24 од Азија). Во текот на траењето на саемот ќе се одржат 25 настани – трибини, промоции, бизнис-средби на кои ќе дебатираат преку 180 бизнисмени од целиот свет.

„Македонско-руската стопанска комора, со оглед на широките и традиционални врски кои ги има воспоставено со деловните заедници од оваа земја, ќе им овозможи на претставниците на македонските компании што поголем број деловни средби. Бизнис-делегацијата од земјава ќе го посети и Трговско-изложбениот „Македонски дом“ во Москва, компанија формирана да го поттикнува македонскиот извоз во Русија, при што ќе се оддржи бизнис-форум и билатерални деловни средби со челните луѓе на некои од руските синџири маркети и со други заинтересирани за купување свежи и конзервирани земјоделско-прехранбени производи од земјава“, истакнува Дејан Бешлиев.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!