Турската компанија „Пурпласт“ ќе гради фабрика во Бунарџик

Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Александар Младеновски, и извршниот директор на турската компанија „Пурпласт“, Мехмет Шишманоглу, денес, во Владата, потпишаа договор за долгогодишен закуп на градежно земјиште во ТИРЗ Скопје 2. Компанијата „Пурпласт“ закупи 26.266 квадратни метри во зоната Бунарџик, а фабриката, која ќе почне да се гради набргу, е нивна прва надвор од Република Турција.

Извршниот директор на компанијата „Пурпласт“, Мехмет Шишманоглу, посочи дека оваа инвестиција е прва што се реализира во странска држава и нагласи дека е особено задоволен што потпишувањето на договорот се случува во денот кога се одбележува Денот на Републиката, односно 96 години од формирање на современата турска држава.

„’Пурпласт’ е компанија со 500 вработени во 4 фабрики во Република Турција, која своите производи ги извезува во 36 земји, а соработува со светски познати компании како ‘Мерцедес’, ‘Волво’, ‘Сканија’, БМВ, ‘Фиат’ и, се разбира, ‘Ван Хол’. Планираме почетна инвестиција од 5 милиони евра со отворање нови 100 работни места, а вкупните инвестиции, кои ќе се развиваат во повеќе фази, се очекува да достигнат 12 милиони евра и околу 300 нови работни места. Фабриката што ќе ја изградиме во Македонија, ќе биде главен логистички центар за Европа“, потенцира Шишманоглу и додаде дека очекува оти отворањето на фабриката ќе се совпадне со одбележување на 40-годишнината на компанијата и ќе биде во 2020 година.

Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Александар Младеновски, посочи дека иницијалните контакти со компанијата „Пурпласт“ се воспоставени пред два месеца, а истакна дека станува збор за компанија со 40-годишно искуство во производството на пластични компоненти за автомобилската индустрија.

„Компанијата работи во автомобилската индустрија, а своите производи ги извезува во 36 земји во светот. Во индустрискиот капацитет во ТИРЗ Скопје 2 инвеститорот ќе произведува пластични маски и други пластични компоненти за компанијата ‘Ван Хол’ и многу други компании што произведуваат автобуси и компании“, нагласи директорот Младеновски.

error: Content is protected !!