Швајцарската „Баумер“ отвори фабрика во Бунарџик, ќе извезува сензорска технологија

Денеска, свечено беше означен почетокот на работата на новата фабрика на „Баумер“ во Технолошко индустриската зона 1 во Бунарџик, Скопје.

Компанијата „Баумер“ од Швајцарија е една од светски најпознатите производители на сензори, инструменти за мерење, испитување и навигација според најмодерна технологија и се употребуваат во автомобилската, индустриската, медицинската наука, во авиоиндустријата, кај мобилните уреди, во градежниот сектор и во други области. Компанијата има вработено 2.500 вработени во светот, а како што беше најавено, во оваа своја фабрика во нашата земја, во која ќе бидат вложени 4,7 милиони евра, во првата фаза ќе вработи 150 граѓани.

Оливер Вице, еден од сопствениците на „Баумер“, во својот говор нагласи дека одлуката на компанијата да инвестира во Македонија е донесена поради поволните политики за поддршка на странските инвестиции, поради постоењето висококвалификувана работна сила, како и поради пристапот до пазарот на ЕУ за пласирање на производите.

„Никогаш досега не сме изградиле толку бргу и тоа што е особено битно е што е постигнато според нашите швајцарски стандарди за градење и за почнување на технолошкиот процес. Тие критериуми тука се исти како и оние во Швајцарија или Германија“, истакна Оливер Вице.

Амбасадорката Техада истакна дека компаниите од оваа земја се многу внимателни кога донесуваат одлуки каде да инвестираат.

„Нивните очекувања се многу повеќе од квалификувана работна сила. Компаниите од Швајцарија очекуваат и поволна и предвидлива средина за бизнис и ми претставува големо задоволство да соопштам дека постои значително зголемен интерес кај швајцарските компании да инвестираат во Северна Македонија“, потенцира амбасадорката Сутер Техада.

error: Content is protected !!