Коблер од VC фондот South Central Ventures: Досега имаме вложено средства во седум компании од Македонија
Јан Коблер, управителот на фондот за ризичен капитал South Central Ventures порача дека сакаат да продолжат да вложуваат средства во иновативни македонски компании кои имаат потенцијал за освојување на глобалните пазари и скалирање на нивниот бизнис модел.
„Се фокусираме на компаниите кои нудат софтверски решенија и нудат продукти за други бизниси. Правиме прво фото робот на погодна компанија и гледаме повеќе критериуми, како што е квалитетот на самиот тим, потенцијалното скалирање на продуктот, можностите на пазарот. Типична компанија во која вложуваме е таа која веќе го развила продуктот и има почетни клиенти и им е потребно финансирање за освојување на глобалниот пазар и проширување. Сакаме да ги финансираме компаниите во нивниот раст. Досега имаме вложено средства во седум компании од Македонија. Една од првата компанија во која вложивме денес има стотина вработени и помина низ повеќе фази на инвестирање и собирање на средства и од други фондови“ истакна Коблер.
South Central Ventures фондот за ризичен капитал функционира со канцеларии во Загреб, Белград и Скопје и има големи планови за инвестирање.
„Нашиот профит доаѓа кога ќе го продадеме уделот во компанијата која со текот на времето ја зголемила вредноста. Обезбедуваме и поврзување со HR специјализирани агенти за ангажирање на најквалитетен кадар во компаниите во кои вложуваме“ рече Коблер за услугите кои ги нудат на панелот „Moжности за финансирање на малите и средни претпријатија МСП“ на Самитот Македонија2025.
