Макпетрол ќе го продаде својот удел во ГА-МА: Гасоводот преминува во 100% државна сопственост
По речиси 20 години, на повидок е конечно решение за еден од најдолгите спорови што се случиле во Македонија – спорот околу сопственоста на гасоводот.
Макпетрол АД Скопје и Владата ќе склучат спогодба со која вонсудски ќе се завршат судските спорови во врска со ГА-МА АД Скопје, соопштуваат од дистрибутивната компанија. По ова, ќе следува проценка од овластени проценители, па Макпетрол согласно пазарна цена ќе и го продаде својот дел од сопственоста во ГА-МА АД Скопје на Владата. Согласноста е постигната со поддршка од Енергетската заедница.
-Со целосна поддршка од Енергетска заедница, постигната e согласност помеѓу „Макпетрол“ АД Скопје и Владата да се склучи Спогодба со која вонсудски ќе се завршат судските спорови во врска со „ГА-МА“ АД Скопје, по што согласно пазарна цена, утврдена со проценка од овластени проценители, „Макпетрол“ АД Скопје ќе го продаде својот дел од сопственоста во „ГА-МА“ АД Скопје на Владата. Во периодот што следи, „Макпетрол“ АД Скопје и Владата ќе треба да донесат соодветни правни акти за официјално потпишување на Спогодбата“, информираат од Макепетрол.
Двете страни односно Макпетрол и Владата претходно побараа медијација во Центарот за решеавање на спорови на Енергетската заедница, а нивна цел беше конечно, законско и правично регулирање на сопственичките односи во ГА-МА АД Скопје во согласност со законот за енергетика и третиот енергетски пакет кој е вклучен во Законот.
Се соопштува дека во периодот кој следи Макпетрол АД Скопје и Владата ќе треба да донесат соодветни правни акти за официјално потпишување на Спогодбата. Додека не завршат сите процедури и секоја од страните не го испочитува договорот, продажбата нема да се реализира.
Инаку Енеретската заедница се обврзала да ја следи имплементацијата на вонсудската спогодба и да ја дава потребната поддршка се до кончено завршување на постапката.
Во септември годинава Владата објави дека планира да ги скрати капиталните расходи и да вложи во докуп на сите акции на ГА-МА кои во моментов ги поседува Макпетрол АД Скопје.
