Кои ќе бидат добитниците од ова? Нов закон за стратешки инвестиции во Македонија за проекти од најмалку 100 милиони евра
Владата на својата редовна 167-ма седница го утврди предлог-законот за стратешки инвестиции во Република Македонија – за проекти од јавен интерес, што е во согласност со регулативата на ЕУ за вакви инвестиции.
Целта на овој закон е поттикнување, привлекување и создавање услови за спроведување на стратешките инвестиции во земјава, зголемување на економски пораст, вработување и примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентските економски можности, зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит и подобрување на добросостојбата и условите за живеење на граѓаните.
Во текстот што го предлага Владата за стратешки инвестициски проекти ќе се сметаат проекти со кои се врши реализација на инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на земјава, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во Градот Скопје и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.
Предложените стратешки инвестиции, кои на предлог на Владата ќе ги усвојува Собранието, мора да бидат усогласени со стандардите за животна средина утврдени во законите на земјата и тоа за проекти за енергетиката со инфраструктурата; транспорт и телекомуникации; туризам; преработувачка индустрија; земјоделство, шумарство и водостопанство; прехранбена индустрија; здравство; индустриски и технолошки паркови; управување со отпадни води и отпад; информатичко-технолошки зони; спорт, наука и образование, како и за градење на големи мултифункционални градежни комплекси на градежни објекти кои во својот состав имаат повеќе од една од наведените области, стои во соопштението од Владата.
Порталот Фактор постави повеќе прашања до Владата за тоа кои се мотивите за да се носи ваков закон.
Инаку владини извори единствено брифираат за порталот Фактор дека во игра да го добијат статусот стратешки инвеститори ќе бидат и приватни компании, и тоа и домашни и странски, но и јавно-приватни партнерства, што значи дека одредени државни органи ќе можат да влегуваат во партнерства со приватни инвеститори, за да се соберат доволно средства за тие стратешки проекти. Како стратешки инвестиции ќе се сметаат и проекти кои се предложени и финансирани од државни органи.
Владата ќе објавува јавни повици, на кои ќе се поднесуваат барања за добивање статус на стратешка инвестиција. Според сознанијата, ќе се формира специјална владина Комисија, која ќе цени колку се исполнети условите од тие што конкурирале, односно кој ќе добие статус на стратешки инвеститор. Но, конечниот збор ќе го кажат народните избраници, бидејќи на крај Собранието ќе ги усвојува владините предлог одлуки за стратешки инвестиции, пишува Фактор.
Засега нема информации како ќе се мотивира приватниот бизнис, односно дали домашните и странските фирми би добле одредени поволности или екстра субвенции за да влезат во такви инвестиции.
