Богдановски: На што треба да внимавате, за да не станете жртва на финансиска измама

Желбата за повеќе, стравот од пропуштена можност, тенденцијата да се споредуваме со другите, влијанието на толпата и уверувањето дека нешто е сигурно се фактори кои се скоро универзални. Овие фактори имаат големо колективно влијание врз повеќето инвеститори на различните пазари. Резултатот се чести, широко распространети, повторливи и скапи грешки.

Од психолошка гледна точка, она што се случуваше со мрежите и крипто-валутите е особено интересно. Отприлика вака оди приказната: Ваши блиски луѓе од маало, од средно, од факултет ви кажуваат дека купиле крипто токени од некоја компанија. Вие го прашувате: Што прави таа компанија? Тие ви велат дека не знаат, но на предавањето на кое биле им кажале дека вредноста ќе се зголеми неколкукратно на денот на котирање на берза. Вие им велите дека тоа е смешно.

Една недела подоцна ве наоѓаат и ви кажуваат дека не се удвоила вредноста… туку се зголемила за три пати. Знаете дека нема смисла, но сакате да се заштите од тоа да продолжите да се чувствувате како идиот. И на крај како врвен пример за капитулација, купувате неколку стотици токени од следниот проект… а огнот расте уште повисоко од купувањето од нови преобратеници како тебе.

Како за споредба и за кредибилитет ги користат Bitcoin и Binance и ги убедуваат своите следбеници дека нивниот проект ќе ја следи траекторијата на истиот успех, дури и ќе ги надмине според остварен принос и прифатеност од пошироката јавност. Следбениците пак не можат да ја увидат разликата бидејќи Bitcoin и Binance се едни од најголемите технолошки достигнувања во последно време, проекти во кои дадоа придонес најдобрите светски девелопери ширум светот, а другиве се само празни ветувања за идна благосостојба на следбениците. Секој за себеси си е лично одговорен и си ги сноси последиците од личните погрешни финансиски одлуки.

Но кај нас се злоупотребува ниската финансиска писменост кај населението, и она што мене посебно ми смета е што воопшто не се презентира ризикот, колкава е веројатноста тој прекрасен проект што се презентира да не успее?

Следбениците од кај нас нека се запрашаат самите себеси: Зошто баш моите пари им се потребни и се битни проектот да успее? Ако навистина проектот има толку силни фундаменти, зошто не се препознаени од големите институционални инветиторите од цел свет? Со што баш вие сте го заслужиле тоа почесно место на предавањето кое нуди таква извонредна можност?

Имав можност лично да ги увидам последиците од пропаѓањето на ТАТ во Битола; какви беа финансиските, социјалните и психичките последици кај оштетените луѓе во градот.

Исто така имавме можност да видиме како заврши Kairos кој месец дена пред да пропадне, наполни огромна сала во еден од луксузните хотели во Скопје. Еве денес BBC излезе со серија podcast-и за крипто кралицата од Бугарија – Др. Ружа Игњатова од OneCoin која полнеше стадиони ширум светот и успеа да собере 4 милијарди долари, а да понуди едно големо ништо. Голем број граѓани кај нас заглавија во овие пирамиди, меѓу нив и познати и успешни бизнисмени.

Бидете внимателни при донесувањето на одлуката за инвестирање во вакви проекти особено ако немате позначајно инвестициско искуство позади себе и ако не ви се презентирани ризиците во целост.

П.С. И по 2 години од изчезнувањето на Др. Ружа Игњатова и покрај сите апсења и судења, се уште има следбеници кои веруваат дека проектот ќе успее. Секоја критика кон проектот ја сфаќаат како критика лично кон нив, нивната интелегенција и способност за расудување.

Васко Богдановски

error: Content is protected !!