Ќуринов: Светска банка ве поздрави

Точно како што и можеше да се предвиди, покачувањето на платите на вработените во здравството и во образование не беше баш најдобра идеја. Светска Банка, во еден здив со прекорот за непромислените покачувања, предвидува и пад на бизнис климата. Пад на бизнис климата, со други зборови, значи, помалку можности за креирање капитал. Математиката, тогаш, станува прилично едноставна: зголемени трошоци + намалени можности за заработка = пад на економијата. И ова е резултатот дури и без да прозбориме за долговите од кои се исплаќаат тие повисоки плати. Да не зборуваме за тоа дека ние и воопшто ги немаме тие пари, сето тоа доаѓа од земање заеми.

LINK – Global Economic Prospects: Slow Growth, Policy Challenges

И покрај тоа што и на лаици како мене тоа им беше јасно уште од моментот кога се случуваше, решив да почекам со коментар, како да знаев дека наскоро ќе стаса и прекор од луѓето кои разбираат економија малку повеќе од необразованите како мене – како на пример, луѓето од Светска Банка. Колку и да ви звучи провокативна почетнава реченица, колку и да сочувствуваме со медицинските лица, како и со вработените во образовниот сектор, и колку и сите да се согласиме дека не се доволно платени, постојат многу посилни причини зошто нивните плати не може да бидат покачени. Многу посилни докази дека тоа би значело штета за економијата во земјава. Но, за тие математики и последователните штети, во друга прилика.

Денес сакам да споделам збор-два за причините кои доведоа до овој прекор. Попрецизно, причините поради кои моменталната бескорисна владечка гарнитура ги покачи платите на овие две групи свои вработени (да не ги спомнуваме и социјалните трансфери и јавни проекти кои повлекоа повеќе пари од планираното), освен фактот дека тие самите си побараа. Да повторам, колку и да се сожалуваме на – и да се согласуваме со – нашите сограѓани чиј труд е потценет, колку и да им веруваме дека заслужиле повеќе, само поради тоа што тие побарале покачување на платите, не мора да значи и дека истото е можно, ниту пожелно. Па сепак, се случи.

Исто како што по молскавично брза постапка се случи и покачувањето на минималната плата. А во основа, резонирањето е премногу проѕирно – ова е очајнички, подол обид да се обезбеди гласачко тело, да не речам да се потплати, да се поткупи. Само затоа што на оваа бескрајно бескорисна влада и беше јасно дека нема програма. Дека дојде на власт без програма, без идеја. И дека ќе си замине од власт затоа што нема програма. Јасно им е дека дојдоа на власт само со една намера – да распродадат и да искрадат се што им налета во ресор. И изгледа им дојде премногу добро, па посакаа уште еден мандат, за да можат да продолжат да рекетираат, да продаваат, да крадат, да трампаат. И единствен начин, единствен обид кој остана, а кој би можел да „упали“ кај електоратот е – „сувата“ пара. Кешот. Си рекоа, да го фрлиме калкулаторот, да им дадеме пари – и нема кај да бегаат. Наши се.

Е сега, можеби сето ова изгледа како да наметнувам некаква вина, незаинтересираност, или дури и соучевство на граѓаните во целата оваа мешаница. Никако. Граѓаните бараат тоа што сметаат дека им следува, тоа што сметаат дека го заслужуваат, и тоа што мислат дека е можно. И тие не се за обвинување, затоа што, прво – тие немаат така добар увид во државната каса, прилив и одлив, заработката и трошоците. Потоа, тие не се економски експерти, туку само луѓе кои сакаат подобар живот. И плус, кога секој ден разбирате за нов криминал, нов скандал разоткриен, во кој милионски суми преминале од еден во друг џеб, или од државната каса во нечив џеб, воопшто не е тешко да се претпостави дека можеби, само можеби, владата всушност ги има тие пари!! Додај го на тоа и самоуверувањето во својата заслуга, тогаш, зошто да не побараат и тие повеќе? И без разлика на тоа, должност на граѓаните е да одберат луѓе кои знаат што прават, кои, поради фактот дека имаат подобар увид и познавање во суштината на економските заврзлами, би знаеле дали и кога дополнителна заработка (крадење) и распределба (расфрлање) пари е возможно.

Ако владата дава, народот ќе земе без збор. И треба да земе без збор. Исто како и што кога владата бара, граѓаните даваат без збор. Затоа, да се има влада која со добра воља и полна доверба е одбрана да води сметка за основните економски работи, а притоа, да има респект за последиците од одлуките поврзани со економските работења. Таа влада всушност да не се однесува како петгодишник кој штотуку добил новогодишно пакетче и насилнички ги отвара сите чоколади наеднаш. Така, не размислувајќи за последиците, се сведува на едно од најлошите предавства и изневерувања кои можат да ја снајдат нацијата. Да се има влада која размислува само за тоа како да добие уште еден мандат, значи разнишување на довербата во институциите, во колективот и неговата долговечност, и всушност во сограѓаните и нивната добра воља.

Ова може само да ја донесе нацијата на раб на распад, масовни иселувања од родната земја, корупција од срамни размери, меѓу другото. Се она што и го гледаме кога ќе погледнеме низ прозор.

Еден ден, една генерација, ќе мора да се чепне за џебот и да ја плати сметката. Со камата!

Марјан Ќуринов, идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!