Маргарет Тачер: Најдобриот економски реформатор и визионер кој Велика Британија го имала

Само за мал број на политичари кои владееле во време на мир може да се каже дека го смениле светот, а Маргарет Тачер беше една од нив. Таа освен што ја трансформираше сопствената Конзервативна партија, успеа да ја трансформира и целата британска политика.

Нејзиниот ентузијазам за приватизација предизвика глобална револуција, а нејзината подготвеност да се бори против тиранијата помогна да се стави крај на Советскиот Сојуз. Винстон Черчил победи во војната, но никогаш не создаде економски реформи како тие на Тачер.

Суштината на тачеризмот е да се спротивставува на статус квото и целосно залагање за слободата, како и залагање за зголемена мобилност на населението, и разбивање на класните хиерархии, таа ја водеше Велика Британија како претставник на Конзервативната партија и стана олицетворение на конзервативизмот.

Тачер веруваше дека нациите можат да бидат успешни само ако има слободни индивидуи. За разлика од познатиот прагматизам на Черчил чија политика беше водена од интереси, нејзината борба имаше јасен принцип и идеологија: правото на поединецот да го води својот живот како што сака, ослободен од државната интервенција колку што е можно повеќе!

Во годините што претходеа, економскиот либерализам се повлече, а Советскиот сојуз ја прошируваше својата империја, а Милтон Фридман и Фридрих Хајек беа отфрелни како академски ексцентрици. Во Велика Британија, владата се бореше со синдикатите, даваше субвенции за неуспешни национализирани индустрии и ја “пумпаше” економијата преку Кејнзијанско управување со побарувачата (читај: печатење пари).

На самиот почеток дури и Тачер го прифати „повоениот консензус“ во Велика Британија, за голема и дарежлива социјална држава комбинирана со пазарна економија, каде државата силно интервенира во секој аспект на општеството.

Но, постоењето на многу неуспешни државни компании кои со години работеа со загуби, загушувањето на индивидуалната слобода и претприемничката креативност, големата моќ на синдикатите, овозможија добивање економски неоправдани привилегии кои ги издејствуваа со закани а ги блокираа буквално сите сегменти на британското општество и економија, што предизвика гнев и отпор кај Маргарет Тачер.

Идеите на Фридман и Хајек ја убедија дека работите може да изгледаат поинаку.

Mаргарет Тачер е избрана за премиерка во 1979 година, поради фрустрациите од неспособноста на Лабуристичката влада. Ситуацијата во Велика Британија тогаш беше многу далеку од добра: несредени јавни финансии, висока задолженост, високи даноци, големиот број неефикасни државни претпријатија (загубари), општо незадоволство, „ирскиот проблем“ (тероризам)…

Тоа што Тачер го направи беше политичка и економска револуција. Таа ги приватизираше државните индустрии, одби да преговара со синдикатите, ги укина државните контроли, ги разби насилните протести на рударите и го замени Кејнзијанизмот со Монетаризмот на Фридман.

Стапката на инфлација се спушти од 27% во 1975 година на само 2,4% во 1986 година. Бројот на работни денови изгубени од штрајкови се намали од 29 милиони во 1979 година на 2 милиони во 1986 година. Најголемата даночна стапка се спушти од 83 проценти на 40 проценти!

Поради нејзините политички битки со левицата и економски реформи стана симбол на конзервативците. Но, таа не беше конзервативна во класична смисла. Исто како што го скрши левичарскиот отпор и се ослободи од левичарската политика во Велика Британија, таа се спротивстави на старите конзервативни елити во сопствената партија и со нив имаше политички конфликт околу политичкиот светоглед.

Тие веруваа во статичко општество на владеењето на старите елити, значајна државна контрола и благи промени. Тачер веруваше во слободата на поединецот, без оглед на потеклото и статусот на класата, со вертикалната мобилност на општеството со брзи и револуционерните промени кон слободата.

Иако идеологијата на конзервативизмот е доста различна од држава до држава, дури и во Британија, Тачер не беше баш една од нив. Со своите идеолошки ставови и филозофски обрасци, а пред сè со нејзината верба во индивидуата што ја прикажуваше, Тачер беше повеќе класичен либерал (либертаријеанец), отколку конзервативец.

Тачер направи системот да почне да работи за поединецот, бидејќи системот во Велика Британија беше така поставен што моќта беше резервирана или за Конзервативната партија или за Лабуристичката партија.

Mногу од нејзини реплики беа насочени кон нејзината партија: „Можете да ми свртите грб, ако сакате“, им рече таа на конзервативците во 1980 година, откако беше критикувана поради своите либерални економски реформи, бидејќи невработеноста премина 2 милиони луѓе.

Роналд Реган беше нејзин идеолошки истомисленик, но таа остро го критикуваше и се спротивставуваше на неговата политика nа трошење преку зголемување на буџетскиот дефицит.

Тачер имаше цврсти принципи, но како сериозен политичар знаела да прави и компромиси. Таа го ценеше Михаил Горбачев како човек со кој „можеше да работи“ и покрај предупредувањата од американските јастреби. Прагматичнo се повлече од битката со рударите во 1981 година, чекајќи цели три години државата да обезбеди доволно резерви на јаглен за да направи посериозна промена.

Резултатите од нејзинито владеење се повеќе од очигледни. Во дванаесет години владеење вкупниот БДП на Велика Британија е зголемен за 23%, а личното богатсво на луѓето за 80%, а инфлацијата беше запрена. Британската економија беше темелно исчистена од државните загубари кои ги “голтаа” парите од даночните обврзници (видете колку македонски јавни и државни прептпријатија во Македонија работат со загуба и имаат превработеност и сè ќе ви стане јасно).

Кога Маргарет Тачер застана на чело на британската Влада, СССР беше во воена експанзија. Но, Берлискиот ѕид е срушен во времето кога е премиерка (1989 година), a во годината кога се повлече од премиерската функција СССР веќе не постоеше.

Без разлика што за левичарите и ден денес важи за “Бабарогa”, Тачер ги постави темелите за британската економија во осумдесеттите години, што и овозможи да остане „една од најуспешните и најдинамични економии во Европа“ од економски болесник на Европа кон крајот на 1970-тите, до Лондон како финансиски центар на Европа а можеби денес и најважниот европски град.

Интересно е што системските проблеми со кои се соочуваат Македонија и Балканот денес се многу слични на проблемите кои Велика Британија ги имаше кон крајот на 1970-тите и се заслуга првенствено на гломазниот и неефикасен државен сектор, лошата регулаторна рамка и владиниот притисок, економија која има неефикасни државни компании и приватни фирми кои се развиваат преку наместени тендери и субвенции …

Бидејќи проблемите се слични, така и реформите потребни во нашите земји се слични или дури идентични со реформите што ги спроведе Тачер во Британија. Тачер, од друга страна, може треба и во практична смисла да биде водечки принцип за тоа како се става едно општество во ред. Тоа што недостасува кај политичарите на Балканот се решеноста, храброста и визијата што ја имаше Маргарет Тачер.

Се разбира има е една голема разлика кога се прави споредба на државите од Балканот и Велика Британија, а тоа е британскиот судски систем кој е еден од најдобрите во светот, што овозможува брзо, ефикасно и правично решавање на бизнис споровите меѓу самите компании.

Може слободно да се рече дека Маргарет Тачер ги постави темелите за Брегзит, на ЕЗ самитот во Даблин, одржан на 29 ноември, 1979 година кога изјави дека за секои 2 фунти кои ги дава Велика Брианија во ЕЗ добива назад само 1 фунта и дека Велика Британиија и Германија се држави што најмногу даваат пари за ЕЗ а најмалку повлекуваат назад.

Тачер жестоко ги бранеше парите на британските даночни обврзници. Таа беше голем противник Велика Британика да го предаде својот суверенитет на Брисел, како врвен политичар има сфатено дека интересите на ЕУ и Велика Британија не се поколопуваат и дека Велика Британија треба да има сопствен модел на развој и реформи.

Видео од самиот на ЕЗ во Даблин одржан на 29 ноември, 1979 година кое прикажува како ги брани парите на даночните обврзници на Велика Британија.

Станете наш фан ако не сте, на нашата Facebook страна (Macedonian Business Hub) и читајте интересни текстови и размислувања што ги нема на друго место.

error: Content is protected !!