„Тетекс“ става клуч на врата по 69 години работа

Волнарскиот комбинат АД „Тодор Циповски-Мерџан“, односно „Тетекс“, по речиси 69 години престанува со работа. Денеска се затвори и погонот Конфекција, кој беше последен што работеше. Пред пред една година престана да работи погонот Трикотажа, а минатиот месец и Ткајачница. Единствено работи Предилницата за производство на волница, но таа е дадена на странска фирма, пишува sdk.mk.

По седумдецениското работење на овој некогашен текстилен гигант, затворањето било неминовно, велат од „Тетекс“.

„Конфекцијата е последниот производствен погон кој работеше во составот на АД ‘Тетекс‘. Во овој дел не можеме рентабилно да работиме. Иако во изминативе три-четири години во Конфекцијата работиме само за извоз, работите не одеа добро. Странските фирми воопшто не ги интересираа нашите проблеми. Тие ни даваат нивни цени и ни велат ако сакаме да работиме по овие цени, во ред, ако не, ќе бараат други фирми со кои ќе работат. Во поранешна Југославија, па речиси и во сите европски земји, веќе не работи ниедна текстилна фабрика чие примарно производство било од волна и текстил, како што беше во ‘Тетекс‘, значи производство од предиво, ткаенини, па до готови конфекциски производи. Нас текстилците едноставно нѐ поклопи Далечниот Исток со многу ниски цени на текстилот и не можевме да го издржиме тоа“, изјави генералниот директор на АД „Тетекс“ Глигорие Гоговски

error: Content is protected !!