Не е сè до парите

Една од претпоставките кај мнозинството луѓе што живеат во Македонија е дека ако имаме повеќе пари сè ќе се среди и сè ќе се доведе во ред.

Но, примерите од реалноста кажуваат нешто сосема спротивно. Во Македонија постои тренд каде што луѓе што заработуваат пари многу повеќе од македонскиот просек се одлучуваат да ја напуштат Македонија.

Тој тренд е особено присутен во ИТ секторот, каде што има примери на луѓе
што ја напуштиле Македонија и започнале да ја бараат својата иднина во некоја од западните држави, иако тука заработувале нето плата од 2000 евра.

Меѓу првите прашања кои компанијата ги упатува до вработениот што сака да ја напушти државата се: Што е проблемот? Од што не си задоволен? Како може да ти помогнеме?

На овие прашања вработениот со високи примања најчесто ќе одговори:
,,Супер ми е кај вас и одлично сум платен, добро се чувствувам во вашата компанија. Причината поради која сакам да ја напуштам државата не зависи од Вас. Не зависи од Вас тоа што имаме спора и гломазна државна администрација, па за некој документ треба да се влечкам со денови по шалтери, од вас не зависи тоа што немаме правен систем, од Вас не зависи тоа што дишеме загаден воздух, како и триста други работи кои не се нормални, а сме ги прифатиле за нормални работи.”

Ако луѓето со високи приходи се одлучуваат да ја напуштат државата заради системот што не функционира во Македонија, тогаш што ќе ги задржи луѓето со 300 евра плата да останат во Македонија?

Така што не е сè до парите, нешто е и до системот во кој што живееме. А сосема легитимно прашање е каков е квалитетот на услугите кои ги добиле граѓаните и компаниите кои плаќаат даноци. Во последните 15 години од 1,6 милијарди евра буџет стигнавме до 4 милијарди годишен буџет.

Дали услугите што ги дава државната администрација се подобрија за 2,5 пати во последните 15 години? Дали можеби услугите останале исти или се влошиле?

Александар Пандуловски

error: Content is protected !!