Маск: Кинеската економија ќе стане два или три пати поголема од американската

Илон Маск Извршниот директор на „Tesla“ и SpaceX, прогнозира дека кинеската економија ќе биде барем дупло поголема од американската, што би довело и до воено ривалство меѓу двете големи нации.

– Она што ќе изгледа прилично чудно е тоа што кинеската економија веројатно ќе биде минимум двојно поголема од американската, можеби и трипати поголема – истакна Маск во разговор со генерал-потполковникот на американските воздушни сили, Џон Томпсон, на симпозиум во Флорида.

Според Маск, основата на војната е економијата.

– Ако имате половина од ресурсите на другата страна, тогаш е подобро да бидете иновативни. Ако не сте иновативни, ќе загубите – изјави Маск.

Кина и САД се двете најголеми светски економии. САД доминираат со 21,44 трилион долари номинално БДП и сочинуваат една четвртина од светската економија. Меѓутоа, Кина е најбрзо растечка економија со БДП од 14,14 трилиони долари.

Со оглед на тоа дека кинеското население е околу четири пати помногубројно од американското, Маск истакна дека тоа ќе ја намали пречката Кина да ја надмине економската величина. Според пописите, во САД живеат околу 330 милиони лица, додека во Кина повеќе од 1,3 милијарда.

– Потребно е само БДП по глава на жител да биде на половина од оној на САД за нивната економија да биде двојно поголема од нашата – рече Маск.

Ако ги претекне САД, Кина веројатно би предизвикала уште поголема напнатост меѓу двете земји, кои веќе имаат сериозни недоразбирања и спорови околу трговијата и 5Г-технологијата.

При разговорот со Томпсон, Маск повеќе пати го нагласи значењето на иновациите во САД за да се задржи конкурентската предност.

error: Content is protected !!