Криза на централните банки, чекор поблиску до мајката на сите кризи

Бидејќи не може баш Македонија да се разгледува изолирано од глобалните економски случувања, прво да се разбере што се случува во светот. И наредно како тоа се пресликува во Македонија, и соодветно како да се дејствува.

Во овој временски период каде што мнозинството глобално се фокусирани на кризата со корона вирусот, не се обрнува големо внимание на неспоредливо многу поголемата опасност, следната глобална економска криза. Како што времето се затоплува, така и ќе завршува сезоната на вируси. Но, глобалните проблеми во економијата и финансиите не што нема да си заминат, него ќе бидат уште повеќе влошени, и во тоа секако свој дел ќе има и кризата со вирусот.

Еден од првите знаци на следната глобална економска криза беше пред отприлика една година, кога кривата на Америчките обврзници инвертира. Тогаш е објавен текст за тоа, најавувајќи ја наредната светска криза. Текстот може да се најде на страната од МВН (Macedonian Business Hub). Наредниот индикатор беше кризата на репо пазарот во САД, септември прошлата година кога ФЕД (Централната Банка на САД) мораа да влезат и да интервенираат, и сеуште не се излезени.

Репо пазарот е една од фундаменталните алки во финансискиот систем и од репо пазарот фактички започна последната глобална криза во 2008. Со случувањата кои што започнаа во неделата вечерта (15-ти Март), почна да се отвора повеќе кризата на Централните Банки. Наредниот, уште поголем показател за надоаѓањето на следната глобална економска криза.

Трамп, иако убедливо е еден од најдобрите претседатели на САД, сепак не е совршен. Подолу ќе се објасни од каде е неговата грешка. Трамп веќе некое време ја притискаше Централната Банка на САД (надолу во текстот само ФЕД) да ги намали каматните стапки на нула, фактички да нема камати. Тој тоа го бараше, поради мислење дека САД не се рамноправни со ЕУ и Јапонија, каде што каматните стапки се дури и негативни и тоа се такви долго време (години). ФЕД не обраќаа толку многу внимание на тоа (со право), но притиснати од состојбата со вирусот и со еден од историски најголемите падови на берзите што се случи прошлата недела, попуштија.

И во неделата вечерта ја укинаа и таа не толку голема каматна стапка што ја имаа од 1% на 0%. И дополнително на тоа, повторно ја започнаа програмата на квантитативно олеснување, во износ од масивни 700 милијарди долари. Едноставно кажано, вбризгуваат нови 700 милијарди долари. Но, целата оваа сума нема да заврши само во САД, дел оди и на останатите централни банки од другите големи економии (ЕУ, Јапонија, Англија, Канада и Швајцарија). Со тоа ФЕД ја зголемува ликвидноста на другите централни банки, фактички им помагаат. И зошто ФЕД им помага на другите? Примарната цел во тој дел е да се држи доларот долу, бидејќи јакиот долар не му одговара на никого, ниту на САД, ниту на останатите. И испаѓа ФЕД да не е само Централна Банка на САД, него и на остатокот од светот. Затоа САД не сакаат доларот да биде глобална валута, што тоа тие и го кажуваат.

И што се случи? После изненадната најава на ФЕД и бодрењето од Трамп за превземената мерка, наместо очекуваната стабилизација на берзите, се случи спротивното. Берзите продолжија да паѓаат со несмален интензитет, глобално, зошто?? ФЕД беа централната банка која што успеа да не заглави со негативни каматни стапки како на пример централните банки на ЕУ и Јапонија. И со овој потег фактички се поткопа и таа единствена доверба што беше останата во централните банки, довербата во ФЕД. Централната Банка на Кина има други свои проблеми, од кои што најголемиот е доларот да не оди многу горе.

Од каде доаѓа ова неразбирање, за работите да се одвиваат обратно од очекуваното, и од каде е грешката на Трамп? Од Квантитативната теорија на пари, која што едноставно кажано се заснова на тврдењето дека има директна релација помеѓу количината на пари и цените. Или поинаку, печатењето на пари е причина за (а не последица од) инфлација. Оваа теорија е премногу едноставна, и како таква ограничувачка, дури да се каже и ги носи луѓето во заблуда, но сепак различните економски школи ја прифаќаат. Разбирањето дека со намалување на каматната стапка, и зголемувањето на монетарната маса би се стабилизирале берзите, и не би се дозволило раст на доларот, во случајов конкретно се покажа како неточно. И дека овој пад на берзите, и сегашниот раст на доларот, не може да се променат со влијание врз количината на монетарна маса.

Воедно, дури е и несфатливо, во економски систем кој што е базиран на кредит, каде што само околу 5% се банкноти, а останатото е кредит, да се промовира оваа едноставна теорија. И не, не е воопшто проблемот во тоа што економијата е базирана на кредит. Напротив тоа е прилично добра замисла, но е злоупотребена, од кого ако не од политичарите. Мнозинството го гледа системот низ таа ограничена призма. Дури и Реј Далио, еден од најпознатите светски инвеститори, направи грешка од истата причина. И ја плати цената за тоа, неговиот најпознат фонд претрпе рекордни загуби прошлата недела, околу 20% загуби. А неговата изјава дадена претходно, кешот е ѓубре “cash is trash”, влезе во историјата, но неславно.

Довербата во централните банки е длабоко поткопана, и затоа оваа фаза може да се нарече кризата на Централните Банки. Наредната фаза е Монетарна Криза, чии што први знаци се јавија уште наредниот ден, во понеделникот. Инвеститорите ги купуваа само државните обврзници на САД, а останатите (дури и тие на Германија) ги продаваа. Со ова фактички тие ги паркираа парите, сега засега, за наредно, дел да останат во обврзници, дел да одат во Доларот, и дел назад во берзите на акции, примарно американските. И веќе може да се погоди што тоа би значело, ФЕД и останатите централни банки ја губат борбата за да го држат доларот долу.

Тој ќе оди горе, многу горе, и кога Доларот ќе го достигне врвот, тоа ќе е почеток на главниот настан, Мајката на сите Кризи, Банкрот на владите. Почетокот на крајот на социјалистичките елементи на Западот, Истокот го доживеа падот на комунизмот во 90-та, сега е ред на Западот. За тоа може да се пишува наредно, како што доаѓаат мостовите, така да се поминуваат.

Во основа, ова ќе е крај на Кејнзијанско/Марксистичкиот модел, на кој што главно се базира глобалната економија некаде од Втората Светска Војна наваму. А кој што е пресликан во рекордно високиот долг на владите.

За Македонија, во контекст на сегашната криза со вирусот, која што се проектира и на економијата, набројани се неколку од економските мерки кои што може да се користат сега. Но, уште побитно, да се како основа за Македонија спремна да ги дочека бурните времиња кои што ни доаѓаат, и можеби да излезе дури и појака од сето тоа. Глобалната економија и претходно беше во рецесивна фаза, и вирусот само го влоши тоа уште повеќе, и тоа прилично.

Но, тоа ќе прекрши и дефлацијата (која што во основа трае од последната глобална криза 2008) ќе сврти на инфлација. Но, за жал таа инфлација нема да е таа што централните банки ја посакуваат (поради вистински економски раст), него ќе е поради монетарната криза (губење на довербата во валутите, доларот ќе падне последен тука). Инфлацијата ќе повлече зголемување на каматните стапки, и тука како што стојат сега работите, ќе се поделат на јавни и приватни.

Приватните ќе одат нагоре, а јавните (државните) каматни стапки ќе бидат диктирани од централните банки, кои што до самиот крај ќе се обидуваат да ги држат на приближно сегашно ниво. Секако, заблуда е да се очекува дека политичарите ќе признаат дека грешката е во нив, така да не се очекува главните виновници за основата на проблемите да понудат и решенија за истите. Но, тоа не мора да е случај и со Македонија.

Ќе мора да се носат политички одлуки, кои што нема да се популарни за сите. Но, мора да се разбере дека заедно сме во ова, состојбата не засега на сите, и соодветно така и да се подели товарот. Тој да се распредели на двете страни, приходната (компаниите, или приватниот сектор) и расходната (владата, или државниот сектор). Не може приватниот сектор да пропаѓа, а државниот сектор да не очекува да биде засегнат.

Од една страна да се намалуваат даноците кон стопанството, и тоа данок каков што не сме имале досега. Да не е прогресивен данок (кој што е дестимулативен и дискриминаторски), или да не е рамен (кој што е исто дискриминаторски), него регресивен (кој што е стимулативен). Тоа значи тие што создаваат и заработуваат повеќе, да плаќаат помал процент на данок. Пак во сума тие би плаќале повеќе од другите (бидејќи повеќе заработуваат), но ќе бидат стимулирани да работат повеќе за да платат помал процент, и со тоа помалку дискриминирани.

Овој пристап да биде применет како за работниците, така и за компаниите. Најголемата стапка да е 10%, и како што се зголемуваат примањата, стапката да се намалува. А како што економијата зајакнува понатаму, даночните стапки да слегуваат надолу. Во овој дел да се додаде и на почеток намалување, а потоа укинување на придонесите за пензиско и здравствено. Воедно и укинување на увозни царини, и прво намалување, а потоа укинување на акцизите.

Од другата страна да се намалува трошењето на политичарите (буџетот), да се примети тука колку од партиите бараат тоа што вистински треба, помал буџет. Ова веднаш би повлекло укинување на непродуктивните трошења. Исто намалување на државната администрација, во делот каде што е партизирана. Зависно од можностите, да се има пример понуда за префрлање во приватниот сектор, но таа понуда да е со ограничено времетраење. Ако не биде искористена во дадениот рок, тогаш третманот едноставно да не може веќе да биде привилегиран. Партиските вработени во државната администрација мора да се помират со истиот третман како и приватно вработените.

Фер и еднаквоста што се пропагираат, еднаш и практично да се применат. Ако приватната фирма пропадне, вработените бараат друга работа, а во меѓувреме може да се користи социјалната помош. Помеѓу другото, повеќе работни места во приватниот сектор (можност за префрлање на администрацијата) би се отворале со јавно/приватно партнерство каде што јавните и други државни претпријатија кои што би потпаднале под овој модел би се приватизирале. Ова исто помага во намалување на буџетот, дополнително. Но, приватниот дел, кој што би бил поголем (а со тоа и управувачки) од државниот, не би бил на индивидуален инвеститор (еден човек), него на приватен фонд (пензиски или социјален), финансиран од работните луѓе на Македонија.

Она што комунизмот теоретски го пропагираше, самоуправување (кое во комунизмот не функционираше како што беше пропагирано, и знаеме како неславно заврши), со овој капиталистички пристап и реално би се остварил. Би се промениле сегашните газди (политичарите), со нови газди (работните луѓе). Претпоставувам очигледно е дека со ваков потег не постои веќе можноста за партизација, како што е сега. Капитализмот го исполнува она што марксизмот го ветува.

Во време на економска криза, ликвидноста се намалува, и банките не се баш расположени да го даваат капиталот, кој што во криза има уште поголема вредност. Тука да има активирање на механизми на Централна Банка (НБМ) во услови на криза, каде што Централната Банка би се јавила како кредитор. Финансиските инструменти би се создале, може да се наречат ваучери, или обврзници. Со тоа парите директно би се внесувале во стопанството (се прескокнуваат политичарите, и банките поради горе наведената причина).

ФЕД во неделата вечер излезе со слична идеја, и основата е иста, но реализацијата не, вака предложената повеќе одговара за Македонија. Бидејќи приоритетите не се исти, главни приоритети на ФЕД сега се опоравување на берзите, и Доларот да се држи долу, во што не успеаа како што имаа замислено. А ако се види целосната објава на ФЕД, тие размислуваат да можеби понатаму купуваат обврзници од компаниите (баш исто како и горниот предлог), или пак акции. Во предлогот за Македонија нема и акции, од причина Централната Банка да биде само кредитор, а не и инвеститор.

Има и ред други сеопфатни економско/финансиски мерки. Неколкуте горе наведени се во склоп на мерките кои што се применливи и во сегашнава криза, но е елаборирано за нивна подлабока реализација во време на глобална економска криза, каква што наредно доаѓа.

И последен коментар, за намалувањето на каматната стапка на НБМ, од 2% на 1.75%, направено во понеделникот. Неразбирливо е во услови на повеќе од ОЧИГЛЕДНО неуспешен експеримент кој што трае со години веќе, и тоа дури со негативни каматни стапки, и тоа за централните економии (САД, ЕУ, Јапонија, …), да се очекува наеднаш да проработи. Во слични услови да се каже, и тоа за периферна економија како Македонската. За жал, НБМ само ја повторува истата грешка на другите, наместо да се извлече поука.

Тешко болен пациент, на кој што состојбата му се влошува уште повеќе, не може да се излечи со фластери. Потребни се длабоки хируршки зафати, да се спроведат ПРИМАРНО длабоки ПОЛИТИЧКИ реформи. Кои што понатаму би ги овозможиле и другите очајно потребни реформи, економски, монетарни, како и во сите општествени сегменти: здравство, судство, образование, безбедност,….

Не сите страни на кризите се лоши. Со секоја криза пропаѓа она што претходно не чинело, за да се создаде можност за нешто ново. Дали тоа новото ќе биде подобро, или не, зависи најмногу од нас самите. Шансата во 1991 не се искористи, сега ќе имаме наредна шанса.

Јованчо Спироски
Охрид, 18 Март 2020

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!