Новиот бран на пост-пандемски иноватори

Пост – Covid-19 ерата која ни претстои, несомнено ќе има огромно значење врз животот на луѓето, и пресудно значење за бизнисите и начините на кои се води бизнисот.

„Новата економија“ нема да биде обликувана само од уредби, регулации, дозволи или закони, туку во голема мерка ќе биде под влијание на тоа како комуницираме, контактираме, патуваме, се храниме, работиме или уживаме во слободното време. А тоа дефинитивно нема да биде исто.

И додека владите и макроекономистите пресметуваат бројки и цифри за пад на економските показатели, сакам да ви обрнам внимание на две работи на кои ќе бидеме сведоци во следниот период: промените на однесувањето на потрошувачите и следствено на тоа новите бизнис можности за стартапите.

Во следните неколку примери ќе се обидам да дадам објаснување во кои сектори може да се очекуваат промени и што се може да предизвикаат ваквите промени. Се работи за спој на регулации и т.н. „нови навики“ кои се личен и субјективен став. Одиме со ред:

Бум на е-спортот. F1 веќе премина на т.н. „е-трки“ со вистински возачи, за да ги ублажи загубите. Се повеќе лица ќе пристапат кон гејминг или VR-платформите за забава, но и кон е-спортските активности избегнувајќи масовни групирања и директен контакт. Можност: Се очекува поголем микс на платформите и продуктите кои ќе ги спојуваат е-спортовите со виртуелната реалност.

Поголема самоизолација и депресија. Не сите, но голем број на луѓе ќе се повлечат во самоизолација од страв, губење на работа, болест, семејни проблеми или проблеми со партнерите. Едноставно, овие промени се индивидуални, но зависат и од реалната состојба во опкружувањето. Можност: Пораст на онлајн – обуки, кариерни совети, терапии, сеанси и услуги за миленичиња.

• Нарушена доверба во хигиената на луѓето и производите. Веќе сме сведоци на идеи за Covid-19 пасоши за летување и бесконтактна достава. Дел од луѓето ќе преферираат нови пакувања, бесконтактни услуги или синтетички производи заради поголема сигурност. Можност: Пораст на специјализирани бизниси за достава, лична хигиена, и нови пакувања на производи согласно „новите“ здравствени стандарди и препораки.

Рестрикции за патувања и туризам. Туризмот и транспортот се глобално едни од најпогодените индустрии со пандемијата. Луѓето повеќе ќе се плашат да патуваат заедно во големи групи, и ќе избегнуваат далечни дестинации поради страв од нови затворања на границите или евентуално лечење во странски здравствен систем. Можност: Ќе пораснат понудите за локален, селски и алтернативен туризам, одморите во пократок период од 4-5 дена и микс на одмор и работа во „еден пакет“.

• Повеќе работа од дома. Принудно, луѓето и цели семејства го оптимизираа својот дом во полу-работен простор. Канцелариите и инфраструктурата чинат пари, и компаниите кои нема да можат да си дозволат вакви трошоци ќе преферираат алтернативи. Можност: Се очекуваат нови алатки – дигитални и аналогни, специјализирани апарати, аудио/видео опрема приспособена на услови за работа од дома.

• Пораст на деловни и регулаторни спорови. Тензиите околу т.н. „виша сила“ во договорите и при усмените договарања стануваат почести. Повеќето бизниси кои ќе работат на минимум ресурси, ќе имаат конфликти со вработени, клиенти, институции или други бизниси. Можност: Очекувано е (и веќе полека се случува) адвокатите да преминат во користење дигитални алатки за обраќање на поширока публика. Можна е појава на процеси за автоматизација и поголема ефикасност во опeрациите и правната документацијата.

Глобална невработеност. Не по вина на вработените, сепак многу од сегашните бизниси ќе престанат да постојат во нивната сегашна форма. За повеќето лица што ќе ги загубат своите работни места – нема да има баш голема можност за вработување во истата индустрија. Можност: Пораст на дигитални курсеви, тренинзи и прекфалификации. Пораст и на нови услуги за поддршка за самовработување, претприемништо и стартапи.

• Take-out и достава на се и сешто. Деновиве, една црква во Белгија и еден стриптиз-бар во САД направија drive-thru за своите услуги – услуги од удобноста на сопственото возило. На барање на клиентите, многу бизниси ќе се фокусираат само на „производство“, а доставата ќе ја препуштат на специјализирани доставувачи. Можност: Достава на храна, облека, брендови и продукти од секаков тип. Можеби зачетоци на VR-шопингот и дронови?!

• Настани и церемонии. За арно-за-лошо, церемониите и масовните традиционални обреди ќе мораат да еволуираат. Самата меѓусебна интеракција на различните групи – стари лица, тинејџери и деца, веќе се строго диференцирани во разните настани. Можност: Можеби специјализација на одредени заедници кон посебни настани? Редизајнирање на организациите на свадби, верски обреди и ритуали ќе бараат доста креативност.

Се разбира, ова се само дел од промените во однесувањето на клиентите и новите можности. Некои ќе бидат перманентни – а некои повремени. Некои ќе бидат повеќе локални – а некои глобални.

Едно е сигурно, следната генерација на претприемачи што ќе успее да ги препознае новите трендови, што ќе премине во офанзива со нови модели, концепти и услуги, и која нема да се плаши реално да ги согледа потребите на клиентите – ќе биде запаметена како „Новиот бран“ на иноватори.

Ѓорѓи Рафајловски
Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!