Народна банка ја намали каматната стапка и ќе ослободи 7 милијарди денари

По намалувањето на основната каматна стапка во јануари и март, Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка (КОМП), на седница донесе одлука за нејзино повторно намалување за 0,25 процентни поени, со што таа ќе изнесува 1,5 проценти.

„Ова релаксирање на монетарната политика се очекува да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките, како и за обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систем, којшто соодветно ќе може банките да ја искористат за поддршка на домашната економија преку зголемување на кредитната активност и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија,“ велат од Народна банка.

На седницата се одлучило да се направат и дополнителни промени преку коишто од централната банка ќе им се овозможи на банките поголем пристап до ликвидност, доколку во следниот период се појави таква потреба, што индиректно отвора и дополнителен простор за зголемена кредитна поддршка на економијата.

„Поконкретно, со овие промени се прошири опфатот на хартиите од вредност коишто Народната банка може да ги прифати од домашните банки како инструменти за обезбедување денарска ликвидност во банкарскиот систем. Така, при спроведување на монетарните операции за откуп на хартии од вредност на привремена или дефинитивна основа, Народната банка ќе може да ги прифаќа и домашните државни обврзници со најдолга рочност (15 и 30 години), како и еврообврзниците издадени од страна на државата на меѓународните финансиски пазари, коишто се во сопственост на домашните деловни банки,“ појаснуваат од Народна банка.

Истовремено, по намалувањето на износот на благајнички записи којшто беше понуден на априлската аукција, на седницата беше одлучено понудата на благајнички записи на аукцијата што ќе се одржи денес да се намали за нови 7 милијарди денари. Заедно со средствата коишто беа ослободени со намалената понуда на благајнички записи на аукцијата во април се ослободуваат вкупно 15 милијарди денари, коишто се очекува да овозможат натамошна поддршка на македонската економија преку поттикнување на кредитната активност на банкарскиот систем, се вели во соопштението од Народна банка.

error: Content is protected !!