Македонија падна за осум места на индексот за економски слободи за 2020 година!

Македонија падна осум места подолу во споредба со лани и се најде на 41. место во светот според Индексот на економски слободи за 2020 година што го изработува фондацијата „Херитиџ“. Во споредба со европските земји Македонија се наоѓа на 23. место.

Според класификацијата, изработена врз основа на 12 критериуми, земјава има коефициент од 69,5 индексни поени што ја рангира на 41 место меѓу 180 земји во светот и на 23 позиција меѓу европските држави.

Во однос на претходниот извештај земјава бележи пад на индексот за 1,6 поени/

Македонија има добиени повисоки индекси во категориите „даночно оптоварување“ (91,5), „фискална кондиција“ (87,7), „трговски слободи“ (86,2), „слобода за деловно работење“ (81,6) и „монетарни слободи“ (77,7).

Индекси од над 60 поени земјава има и во категориите „владини трошоци“ (71,0), „слобода на пазарот на трудот“ (67,0), „инвестициски слободи“ (65,0), „сопственички права“ (62,5) и „финансиски слободи“ (60,0).

Додека лошо односно пониски индекси земјава бележи во категориите „судска ефикасност“ (42,7) и „владин интегритет“ (42,2).

Фондацијата посочува дека со ваквиот ранкинг земјава е класифицирана во категоријата на „умерено слободни“ економии (индекс од 60 до 70).

Што е полош резултат споредено со претходните три години кога Македонија беше во категоријата „претежно слободни“ економии, за што е потребен индекс од најмалку 70 поени.

Ппадот според „Херитаџ“ се должи на намалување на индексите во категориите „сопственички права“, „судска ефикасност“ и „владин интегритет“.

Од земјите во регионот од нас подобро рангирани се само Бугарија (36. место со индекс 70,2) и Романија (38. место со индекс 69,7). Словенија е 52. со индекс 67,8, Косово 53. (67,4), Албанија 57. (66,9), Србија 65. (66,0), Турција 71. (64,4), Босна и Херцеговина 82. (62,6), Хрватска 84. (62,2), Црна Гора 91. (61,5) и Грција на 100. место со индекс од 59,9, што ја прави единствена држава од регионот во категоријата „претежно неслободни“ економии (индекс од 50 до 60).

Послабо рангирани од нас се и држави како Малта, Полска, Белгија, Португалија, Шпанија, Словачка, Франција и Италија.

На самиот врв на листата се Сингапур, Хонг Конг, Нов Зеланд, Швајцарија, Австралија и Ирска, кои се шесте единствени држави или територии во категоријата „слободни“ економи (индекс над 80), а топ 10 листата како „претежно слободни“ економии (индекс од 70 до 80) ја надополнуваат Велика Британија, Данска, Канада и Естонија.

На самото дно како „репресивни“ економии (индекс под 50) се Република Конго, Еритреја, Куба, Венецуела и Северна Кореја.

Како забелешки за земјава „Херитаџ“ ги посочува ограничената судска независност, политизацијата на Судскиот совет и несоодветното финансирање на судството, а како сериозен проблем ја наведува и корупцијата и неказнивоста за коруптивни дела.

„Во однос на владините трошци, земјата многу троши за финансирање на јавни инфраструктурни проекти и поддршка на социјалните програми. Покрај тоа, потребно е посилно спроведување на антикорупциските норми со цел да се поттикнат странските директни инвестиции во индустриите ориентирани кон извоз“, оценува „Херитиџ“.

Фондацијата посочува дека трошоците за добивањето на дозволи за градба во земјава се намалени поради пониските давачи за земјиштето, но нагласува и дека пазарот на трудот се соочува со недостиг на стручни кадри за некои грамнки.

„Бирократијата го ограничува динамичниот раст на новите инвестиции и покрај реформите во сферата на инвестиции. Финансискиот сектор е зајакнат во последниве години, а влијанието на владата е ограничено главно на донесување на грижливо осмислени и ефикасни регулативи“, заклучува Фондацијата „Херитиџ“.

error: Content is protected !!