Трговските тајни: Мали дијаманти на конкурентската предност

Што имаат заедничко Google, Coca Cola и KFC?

Уште од кога е создаден рецептот за Coca Cola, сопственикот одлучува да ја чува формулата како деловна тајна. Денес, само двајца од топ-менаџментот на компанијата имаат пристап до банкарскиот сеф во Аталанта каде се наоѓа истата, и тие никогаш не патуваат заедно.

Оригиналниот рецепт на ‘Полковникот Сандерс’ за Kentucky Fried Chicken е запишан на лист хартија и ставен во сеф во Кентаки, кој е чуван од вооружени лица. Неколкумина вработени ги знаат тајните 11 состојки, и сите тие имаат потпишано „тешки“ договори за доверливост. Само две компании на светот го снабдуваат KFC со дел од состојките, и тие меѓусебно не знаат која е другата компанија.

Алгоритмот на Google е строго чувана тајна уште од неговото креирање. Иако дел од тајната на формулата за пребарувањето е да се спречи конкуренцијата, голем фактор игра и можноста за изигрување на алгоритамот, кој инаку би дозволил секој со малку вештини да се најде на врвот на некое пребарување.

Овие компании, како и сите бизниси денес, имаат свои деловни тајни. Некои од нив не се ни свесни дека поседуваат важни трговски тајни, се додека некој од конкурентите не се обиде да дојде до нивните листи на клиенти, резултати од некое истражување или маркетинг кампања, или пак се обиде да ги врбува нивните вработени кои имаат значајно знаење и искуство во работата.

Тогаш станува очигледно дека тие поседуваат нешто вредно што треба да се заштити!

Што тогаш може да се заштити како трговска тајна? Генерално, било која деловна информација која ви обезбедува конкурентска предност, и е вредна за конкуренцијата, може да се смета за трговска тајна. Секое неовластено користење на било кој друг освен сопственикот на истата, во многу држави се смета за нечесна практика и повреда на доверливите информации.

За малите и стартап бизниси добро е тоа што, практично многу работи може да се квалификуваат како трговска тајна, и тие всушност директно зависат од индивидуалните околности за секој бизнис одделно. Па така, под трговски тајни се подразбираат:

• процеси, техники, know-how и искуство за производство ;

• компилации на податоци – на пример, дата-бази на податоци за клиенти;

• алгоритами, процеси кои се имплементирани во компјутерски програми и компјутерските програми сами по себе;

• формули за производство на производи;

• дизајни, цртежи, проекти, мапи;

• финансиски информации;

• деловни стратегии, бизнис-планови, маркетинг планови, планови за извоз и сл.;

• одредена евиденција на персоналот;

• упатства и прирачници;

• состојки; или

• информации поврзани со активности за истражување и развој.

Да се вратиме на примерите на Google, KFC и Coca Cola. Зошто овие гиганти се одлучиле да ја штитат својата конкурентска предност преку тајни, а не преку патенти? Основниот проблем со патентирањето е дека, за да добиете решение за патент – вие мора најпрвин да “го обзнаните“ пронајдокот пред институциите и јавноста.

Ова знае да биде напорно, скапо, и обично самата заштита трае до 20 години. По овој период, теоретски, секој може да го употреби она што веќе ќе е еден вид ‘јавно добро’. Со заштитата преку трговска тајна, вие не мора никого да известите за да добиете формална дозвола за користење, а со тоа и самата конкуренција ја оставате во сенка.

За разлика од патентите, трговските тајни насекаде низ светот се штитат без формална регистрација, односно без каква и да е административна обврска поврзана со одредена постапка. Па така, трговска тајна може да се заштити за неограничен временски период или онолку време колку што бизнисот одлучи информациите што ги чува – да останат тајни. Токму поради ова, заштитата преку трговските тајни е особено привлечна за стартапите и помалите бизниси!

Сепак, за заштита на некоја информација како трговска тајна, потребно е да постојат некои општи стандарди, и определени услови:

• информацијата мора да биде тајна – истата да не е општо позната или лесно достапна до кругови кои вообичаено се занимаваат со ваков вид на информации, или во одредена индустрија
• таа мора да има комерцијална вредност – затоа и е тајна!
• носителот на истата мора да превзел минимум чекори за да таа остане тајна – преку клаузули за доверливост, договори за вработување, ограничување на информации, енкрипција и сл.

Пред да се одлучите да ја штитите интелектуалната сопственост преку трговска тајна, добро е да ги знаете предностите и слабостите на заштита.

Главните предности се: временски неограничена заштита; без формални трошоци за регистрација; без обелоденување на детални информации пред надлежни органи; ефективна веднаш.

Главните недостатоци би биле: неможност за екскуливитет – т.е. можност конкуренцијата да прави аланизи и обратен инжинеринг; ако тајната стане достапна секој ќе може да ја користи; потешко и поскапо оддржување на заштитата низ подолг период; и доколку дојде до релевантните информации – некој може да поднесе апликација за патент.

Можеби нашите дедовци беа во право, дури и сега во ова дигитално време: најдобриот начин на заштита на деловна тајна е катанецот и клучот… буквално!

Ѓорѓи Рафајловски
Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!