Еве колку пари за онлајн шопинг потрошиле македонските граѓани во првата половина од 2020

Во првата половина од годинава, граѓаните со домашни платежни картички потрошиле 69,4 милиони евра кон македонски компании што продаваат онлајн во земјава, што споредено со истиот период лани е раст од 113,5 проценти, покажуваат податоците на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

– Овие бројки и податоци се само од регистрираните е-продавници и веруваме дека ќе беа уште поголеми доколку не постоеше и сивата економија во онлајн трговијата. Во изминатиов период високо на агендата на владините институции се постави и проблемот за намалување на сивата економија. Ние како Асоцијација често имаме средби со сите надлежни институции на кои разговараме за оваа проблематика, составена е работна група и изготвен е акциски план за делување во борбата против сивата економија. Веруваме дека со спроведување на мерките, голем дел од оваа сива зона ќе се намали. Сепак, секој потрошувач кога купува на интернет, задолжително треба да си ги знае своите права. Асоцијацијата за е-трговија на Македонија неодамна изработи интерактивни прирачници, на кои потрошувачите може да се запознаат со нивните права при онлајн купување. Дополнително, потрошувачите кога купуваат од легални е-продавници, имаат право на рефундација на средствата доколку не се задоволни од продуктот што онлајн го купиле – вели за „Слободен печат“ Виктор Стојкоски, генерален секретар на АЕТМ.

Според податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб-страници за е-трговија), заклучно со крајот на март, во Македонија активни се 1.078 продажни места. Станува збор за активно регистрирани виртуелни продажни места, кои се пријавени од петте банки што во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги. За период од првите три месеци од 2020 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 58 новоотворени, при што само во март се отвориле 42 нови е-продавници.

error: Content is protected !!