Еве ја причината зашто сѐ уште нема поврат на ДДВ од „Викенд без ДДВ“

Парите од ДДВ-то за купените производи од 10 до 12 октомври во таканаречениот „Викенд без ДДВ “требаше да се исплатат до крајот на октомври, поточно 15 дена по скенирањето на сметката, а пари сѐ уште нема.

Од УЈП велат дека Собранието прво треба да го усвои ребалансот на буџетот за 2020 па после да ги пуштат парите кон граѓаните.

-Станува збор за мерка од четвртиот пакет и за тоа прво мора да биде изгласан ребалансот на буџетот во Собранието. Очекуваме тоа да се случи до крајот на неделата. Штом тоа биде изгласано во Собранието, ние можеме да ја направиме исплатата за еден ден, изјавија од УЈП пред неколку дена.

Седницата на која се расправата по ребалансот на Буџетот е закажана за денеска напладне.

Во деновите 10, 11 и 12 октомври 2020 година, вкупно 204.088 граѓани купиле македонски производи и услуги како и компјутерска опрема, чии фискални сметки ги скенирале преку апликацијата МојДДВ.

За време на „Викенд без ДДВ “според изјавите од министрите и други функционери од Владата се очекуваше граѓаните да потрошат околу 170 милиони евра, а беа потрошени околу 9 милиони евра.

Граѓаните ќе остварат поврат на ДДВ од „Викенд без ДДВ “ во износ од 66.853.929 денари или околу 1 милион евра кои ќе легнат на сметките на 204.088 граѓани.

error: Content is protected !!