Дури 21.000 работници во земјоделскиот сектор останаа без работа во 2020 година

Во Земјоделскиот сектор 20,776 работници останале без работа за време на пандемијата предизвикана од Ковид – 19, покажува анализата на Finance Think.

Земјоделските работници беа и најсилно погодени од Ковид-19 кризата, и најмалку заштитени од владините мерки, а како аргумент се користат бројките кои покажуваат дека во преработувачката индустрија се загубени нешто над 1000 работни места, 2500 во градежништвото, околу 2000 во транспортот, во угостителството бројот е задржан а во трговијата се регистира зголемување од 4500 работни места, пишува во брифот на Finance Think.

Во 2019 г. земјоделството учествуваше со 9,4% во вкупната додадена вредност и вработуваше 13,9% од сите вработени.Во 2020 година, во време на пандемијата, земјоделството продолжи да расте со стапка од 4,6 %, но изгуби речиси 21 000 работници.

Од Finance Think додаваат дека ако се погледне просечната нето плата во секторот земјоделство, ќе се забележи дека таа растеше многу слично, а во некои месеци и повеќе од порастот на националниот просек. Споредбата на растот на просечната плата со изгубената маса на плати во земјоделството покажува дека кризата главно влијаеше врз намалување на работните места, но не и врз платите на тие места кои опстоиле. Имено, платите на згаснатите работни места веќе не се сметаат во просекот, па тој или останува непроменет или растеж ако останатите плати се поголеми, а не доживеале промени во текот на кризата.

Земјоделците, особено големите, се соочија со недостиг од работна сила и сезонски работници, заради ограничувањата за движење и тешкотиите за организација на транспортот и логистиката. Тоа придонесе за намалување на обемот на производството, на доходот и на работните часови.

-Со оглед дека земјоделскиот сектор и работници беа силно погодени од пандемијата со Ковид-19, а притоа останаа најмалку заштитени од мерките на Владата, неопходно е итно внимание од страна на Владата и ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Најважно, неопходно е да се размисли во дизајнот на мерката „14.500 денари по работник“ да се внесат одредби кои ќе ја направат мерката пристапна за регистрираните земјоделци. Дури и да се задржи моменталниот дизајн, неопходно е мерката подиректно да ги таргетира регистрираните земјоделци, преку административните регистри на државата, за до нив да стигне оваа
помош, препорачуваат од Finance Think до Владата.

error: Content is protected !!