Народна банка одговори на најчесто поставуваните прашања за криптовалутите

Народната банка постојано ги разгледува релевантните прашања во врска со крипто-средствата, вклучително и нивниот третман во глобални рамки, пишува во најновото соопштение на Народна банка.

-Имајќи ја предвид и актуелноста на оваа тема на глобално ниво, во изминатиот период, тимот на Портата за иновации на Народната банка се осврна и на најчесто поставуваните прашања во јавноста, со цел да им даде соодветни препораки на сите лица од нашата земја коишто се интересираат за крипто-средствата.

Денес, на својата веб-страница, Народната банка објави одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста. Одговорите се достапни на следнава врска: Прашања и одговори за крипто-средствата 

Општо земено, Народната банка ѝ укажува на јавноста дека:

  • Како и во други земји, така и кај нас, нема општо прифатена дефиниција за крипто-средствата. Во основа, крипто-средствата се сметаат за специфичен вид нематеријално средство, засновано на одредени технологии, коешто не е издадено, ниту, пак, неговата вредност е гарантирана од централна банка или друг регулаторен орган, не претставуваат пари и понудата на овие средства не зависи од потребите на економијата или монетарниот систем. 
  • Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата земја. Согласно со постојната регулатива, плаќањата во земјата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот. 
  • Како и во многу други земји, така и кај нас, не постои регулатива со која се регулираат издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата. 
  • Вложувањето во крипто-средства се смета за високо ризично. Сите коишто вложуваат или имаат намера да вложат во крипто-средства треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ризици на кои се изложени и ефектите од таквите вложувања.

Одговорите на најчесто поставуваните прашања во јавноста во врска со крипто-средствата, објавени од Народната банка, ги претставуваат ставовите засновани на тековно расположливите информации.

Со оглед на тоа дека тематиката поврзана со крипто-средствата на глобален план е во постојан развој, постои веројатност од понатамошно менување и дополнување на искажаните ставови, во зависност од тоа какви стандарди ќе се развиваат во врска со крипто-средствата на глобално ниво, стои во соопштението на Народна Банка.

error: Content is protected !!