Опозицијата предупредува:64% ќе достигне јавниот долг годинава, односно секое семејство ќе должи по 16.000 евра
Околу 8 милијарди евра или близу 64 проценти ќе достигне јавниот долг годинава, согласно проекциите на Министерството за финансии во Стратегијата за управување со јавен долг 2022-2026, предупреди опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека секое четиричлено семејство во државава, од 2021 натаму, ќе должи по 16.000 евра.
-Владата веќе тргна да им ги наплатува овие пари преку ‘зелени‘ такси и даноци кои оваа и следната година ќе се воведат за граѓаните и фирмите. Над 8 и пол милијарди евра Владата планира да го качи јавниот долг догодина. Тоа се 66 отсто од БДП. Тоа се 6 процентни поени над Мастришкиот критериум за јавен долг. Тоа е скоро двојно од состојбата која ја затекна Владата на СДСМ во 2017 година. Изминативе години освен редовните аукции на Министерството за финансии, кредити кај домашните банки и меѓународните финансиски институции, се земаа и еврообврзници по рекордни суми. Она што е најголемиот проблем е на што одат овие пари. Капиталните инвестиции потфрлаат со бедна реализација од околу 20 отсто за половина година. За сметка на тоа, секојдневно читаме за нови партиски вработувања во државната администрација и небулозни јавни набавки, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
