Македонија, Србија и Албанија ќе имаат заеднички пазар на труд, движење без граници и слобода во трговијата

Премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, како и српскиот претседател Александар Вучиќ во заедничката изјава велат дека „Отворен Балкан“ е заедничка иднина на граѓаните на целиот Западен Балкан, а иницијативата ќе го подобри Регионот. На економскиот форум денеска беа потпишани три договори, за Заедничка реакција на природни и други катастрофи, за Дозвола на граѓаните да работат во државите, како и за Помош за стоките да се движат без непотребно одложување.

– Нашата цел е единствена: да имаме заеднички пазар, без граници. Ние бараме од секој од нашите министри да истапи со практични планови за спроведување на овие договори до средината на октомври. На 4-5 ноември ќе се сретнеме повторно, со релевантните министри, во Белград, за да го ревидираме напредокот и да донесеме одлуки што ќе бидат потребни за целосно да се спроведат овие обврски. Потоа, повторно ќе се сретнеме во декември, во Тирана, за да го проследиме напредокот и ќе се среќаваме редовно, колку што е потребно, за да се продлабочат овие врски, се вели во заедничката изјава на Заев, Рама и Вучиќ.

Тие уверуваат дека граѓаните на Македонија, Албанија и на Србија ќе може да работат во било која од овие три земји.

– Драго ни е што Стопанските комори ќе започнат програма со која ќе се помогне на бизнисите и на работниците да се пронајдат едни со други во регионот, па така, оваа програма веднаш ќе создаде можности. Второ, ќе побараме од нашите министерства да работат заедно на системот за споделување информации во врска со Данокот на додадена вредност – конзистентен со системите што се користат во ЕУ – со цел товарните возила да не сопираат на границите во рамките на Балканот. Камионите сé уште минуваат повеќе време на нашите граници отколку на нашите патишта, велат Заев, Рама и Вучиќ.

Најавуваат формирање на Комисија за балкански филм, за секоја од владите да определи средства за промовирање на филмови што произлегуваат од талентите низ целиот Западен Балкан. Исто така, е најавен и Балкански вински фестивал за охрабрување на продажбата на вина од целиот регион. Но и спортските училишни тимови меѓусебно да се натпреваруваат за да се дружат младите.

Трите земји ќе бараат фондови за инвестиции преку кои ќе се промовира регионалната интеграција и соработка, на кои ќе ги канат меѓународните инвеститори и донатори, за проектите да можат да отвораат нови работни места, развој и раст низ целиот регион, особено во контекст на Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан и зелените и дигитални транзиции на Европа.

– Во Република Македонија ќе поддржиме проект за фото-волтаици кој ќе ги напојува мрежите во регионот и ЕУ. Целта е ова да биде под контрола на регионот, за сите наши луѓе да имаат корист. Ова е дел од зелената транзиција на Европа, но и на регионот. Тоа ќе помогне на нашата животна средина и на нашите економии. Во согласност со целите поставени во Зелената агенда за Западен Балкан одобрена на Самитот во Софија минатиот ноември, Албанија развива стратешки проекти за производство на зелена и одржлива енергија, како и одржлив транспорт со цел да се поврзе регионот со европската Тен-Т мрежа. Хидроелектричната централа „Скавица“ ќе овозможи извоз на обновлива енергија до целиот регион. Градењето на интер-конекции за гас е дел од регионалниот пристап и ќе придонесе кон зелената транзиција на регионот и стабилноста на електричните мрежи. Железничкиот коридор од пристаништето во Драч ќе ги поврзува економиите на Македонија и Бугарија и ќе ги подобри мултимодалните конекции со Италија. Забележавме дека „Рио Тинто“ најавија дека се подготвени да инвестираат 2,4 милијарди долари во развивањето литиум во Србија, што е предмет на одобрени од Владата и вклучување на локалните заедници. Ако овој проект успее, нашите држави ќе работат заедно со цел можностите креирани со ова, да ја донесат индустријата во Србија, Македонија и Албанија и на други места во Европа и регионот, велат Заев, Рама и Вучиќ.

Тие гледаат европска иднина. Заев, Рама и Вучиќ велат дека остануваат посветени на Берлинскиот процес и европската перспектива, а владите се посветени на спроведување на четирите слободи и единствениот регионален пазар, последно на Самитот во Берлин на 5-ти јули.

error: Content is protected !!