Богатата Швајцарија ќе им подари 1,2 милијарди евра на сиромашните држави од ЕУ

Швајцарија деблокира вкупно 1,3 милијарди франци (1,2 милијарди евра) финансиска помош за посиромашните земји -членки на ЕУ, во обид да ги поправи затегнатите односи со најголемиот трговски партнер.

Горниот дом на швајцарскиот парламент ја одобрил таа сума за плаќања во следните неколку години. Станува збор за пари за „плаќања за кохезија“ замрзнати во 2019 година по спорот околу меѓусебното признавање на правилата на берзата.

Така, Швајцарија покажува добра волја по години неуспешни преговори за посилна врска помеѓу земјата и единствениот пазар на Европската унија, а Берн, исто така, се надева дека повторно ќе може да учествува во истражувачката програма на Унијата, Хоризонт.

Швајцарија не е членка на Унијата, туку учествува во нејзините програми и внатрешниот пазар на блокот преку билатерални договори. За возврат, плаќањата за поддршка на посиромашните земји на Европската унија биле договорени пред неколку години, а сличен аранжман е договорен и со Норвешка.

Во Швајцарија, ова се нарекува „милијарда за кохезија“. Првата сума, околу една милијарда швајцарски франци, била исплаќана неколку години, почнувајќи од 2006 година.

Сепак, односите меѓу Унијата и Швајцарија се заладија откако блокот инсистирал на рамковен договор што ќе ја приврзе земјата поблиску до себе.

За да изврши притисок, Европската унија престанала да ја признава швајцарската берза како еквивалент на институциите на Унијата во 2019 година. Преговорите за договорот се во застој.

Еврокомесарот Марош Шефчович во твитот истакнал дека парите требало да бидат исплатени одамна. „Таквиот придонес е логичен пандан за учество на единствениот пазар на Европската унија“, додаде тој.

error: Content is protected !!