Западен Балкан останува без јасни шанси за полноправно членство во ЕУ, но од ЕУ ветуваат 30 милијарди eвра

Во среда на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо, Словенија уште еднаш ќе биде потврдена заложбата на ЕУ за продолжување на процесот на проширување. Но, притоа ќе биде потенцирано дека способноста за прием на нови членки ќе зависи од натамошниот развој на ЕУ, објави DW.

Според дипломатски извори на германската агенција ДПА, на дополнувањето инсистирала француската влада, која на овој начин сака да ја задржи можноста да го блокира приемот на нови членки доколку ЕУ во наредните години не се реформира доволно согласно француските очекувања.
Со тоа, шесте земји аспиранти за членство од Западниот Балкан и натаму остануваат без целосно јасни шанси за полноправно членство во ЕУ.

Во делот на декларацијата која се однесува на економскиот и инвестициски план, EУ нагласува дека мобилизира околу „30 милијарди евра за регионот за наредните седум години“, oд кои девет милијарди евра се неповратни средства, а околу 20 милијарди евра инвестиции во обновата и опоравувањето на Западен Балкан. ЕУ нагласува дека продолжува да ја поддржува регионалната соработка и ги повикува лидерите од регионот да го воспостават заедничкиот регионален пазар, договорен во Софија во 2020 година.

Посебното внимание на вложувањата на ЕУ во регионот на Западен Балкан ќе се однесува на Зелената агенда, Акцискиот план за транспорт, постепеното укинување на роамингот меѓу ЕУ и Западен Балкан до 2024 година, како и на Агендата за иновации. Во однос на политичката и безбедносна соработка, во текстот на декларацијата парнертите од Западен Балкан се повикуваат да напредуваат кон „целосно усогласување со надворешната политика на ЕУ“, да ја засилат сорботката со ЕУ во борбата против дезинформации и хибридни закани, и да ја продолжат сорботката по прашањата на миграциите и борбата против тероризмот, објави DW.

error: Content is protected !!