ССК со остра реакција до Филипче: Правото на вакцинација која не е задолжителна, е лично право на избор

Сојузот на стопански комори, ССК, е против мерка да се воведе задолжителна вакцинација и за компаниите од приватниот сектор. Исто така, тие тврдат дека не се дел од иницијативата да се воведе задолжителна вакцинација и за овие работници, бидејќи, како што нагласуваат, тоа е право на личен избор. Сметаат и дека наместо со репресивни, поголем ефект ќе се постигне со стимулативни мерки, односно да се обезбедат повеќе видови на вакцини и да се дадат релевантни информации за нивната безбедност.

Како што е познато, Стопанската комора на Македонија побара да се воведе задолжителна вакцинација и во приватниот сектор, а тоа барање во вид на иницијатива, веќе го доставиле до Владата, по примерот на повеќе европски земји.

Но, со таа мерка од ССК не се согласуваат, а велат и дека од нив воопшто не потекнала таква иницијатива.

Според ССК, заштитата на здравјето на граѓаните е највисок приоритет во услови на пандемија, и тоа може да се постигне со сеопфатни, интегрирани и добро испланирани мерки, како и со континуирано унапредување на квалитетот на здравствената заштита.

Додаваат и дека сојузот на стопански комори овие две години од почетокот на пандемијата дава активен продонес преку постојано следење на мерките и доставување на свои конструктивни предлози и мислења во насока на нивно унапредување се со цел заштита на здравјето и намалување на штетните последици во економијата.

„Во таа насока сакаме да истакнеме дека изјавата на министерот за здравство Венко Филипче дека Сојузот барал да се воведе задолжителна вакцинација и за вработените во приватниот сектор, е целосно неточна, бидејќи нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна, е лично право на избор и не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови на вакцини и релевантни информации за нивната безбедност“, пишуваат од ССК во своето соопштение до јавноста.

Нагласуваат и дека Созјуот ќе остане отворен за понатамошна соработка и ќе продолжи да дава поддршка за мерките за кои сметаат дека ќе дадат ефект.

error: Content is protected !!