Државната администрација ќе мора да биде вакцинирана или ПЦР тест на секои три дена на сопствен трошок

Утрово по состанокот на Комисијата за заразни болести се донесени нови препораки кои ги соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.

-Ги анализиравме последните трендови и се донесе одлука за соодветни предлози до Владата. Сите вработени во јавниот сектор, во локалната самоуправа, во сите институции, за одење на работно место да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок, или ќе имаат потврда за прележан коронавирус не постар од 45 дена, или потврда од лекар специјалист дека вакцината не можат да ја примат, а тоа се оние со ретки имунолошки состојби за што ние ќе излеземе со соодветна листа на болести, информираше Филипче.

Министерот изјави дека очекува и приватните компании да се приклучат до овие мерки, со оглед дека, како што рече, до нив е пристигнато писмо од Сојузот на стопански комори со слични барања, со цел да се заштитат производствените процеси и целиот економски процес.

Филипче ја соопшти и другата одлука, а тоа е препорака за задолжителна вакцинација за сите здравствени работници.

„Предлагаме овие мерки да стапат на сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат временски период да се вакцинираат, а период од 30 дена да им дадеме на оние 20-30% здравствени работници кои не се вакцинирани да го сторат тоа“, рече Филипче.

Освен тоа, Комисијата предлага да се ажурира процесот за контрола на сертификатите, од страна на МВР и на пазарниот инспекторат, односно преку достапните апликации и QR кодовите на овие апликации да се проверува дали сертификатите што ги приложуваат лицата се валидни.

error: Content is protected !!