Домен како интелектуална сопственост?!

Изборот на домен име, (или интернет адреса) е една од најважните бизнис одлуки што еден стартап мора да ја направи.

Оттука прашањето: „Дали мојот домен може да биде трговска марка?!“ – денес не е само правно, туку и општо, легитимно бизнис прашање! Краткиот одговор би бил – зависи.

Ако навлеземе подлабоко во проблематиката, ќе видиме дека иако домен имињата формално-правно не се Интелектуална Сопственост (спаѓааат под договорни права), тие имаат многу сличности, но за воља на вистината и многу разлики со класичната ИС. Но, истовремено мора да се признае дека домен имињата не само што може да ја заштитат ИС, туку и тие активно придонесуваат за нивната вредност, на пример на една трговска марка.

Да одиме со ред и да видиме како тоа функционира во пракса:

Домен имињата се Интернет адреси и тие се користат за да се идентификуваат и пронајдат Интернет страници. Со текот на времето, домен имињата станале своевидни бизнис-идентификатори и како такви се почесто доаѓаат во судир со трговските марки, иако домените не се заштитени како такви со право на интелектуална сопственост. Сепак, називот што го сочинува името на доменот може само по себе да биде заштитено со авторско право, право на трговска марка, географско име или да се состои од презиме, трговско име или корпоративно име.

Па така, за било кој бизнис е екстремно важно да се избере соодветно име на домен, кое не е трговска марка на друга компанија или пак не е добро познатата трговакса марка. На крајот на краиштата, името на доменот е самата суштина на присуството на Интернет.

Да се вратиме на клучното прашање. Ако името на твојот бренд не е генеричко или чисто описно, и ако имаш име на домен што е твој сопствен бренд, тогаш дадоменот може да биде заштитен како трговска марка! Добар пример за ова би бил „ebay.com“. Од друга страна, ако сте доволно среќни да имате генеричко име на домен, како што е на пример „avtomobili.com“, мора да бидете задоволни само со придобивките од тоа да бидете едноставно најдени преку Интернет и клиентите да можат лесно да ве запаметат. Малку е веројатно дека ќе биде одобрена заштита на трговска марка за ваков домен.

Помеѓу домените и Интелектуалната Сопственост постојат неколку сличности, како што се:

  • повеќеслојни права кои одат во пакет со останатата ИС (трговска марка, авторство, дизајн, патент)
  • својство на интелектуални добра (продажба, купување, лиценцирање, франшизирање)
  • зголемување на комерцијалната вредност (на постоечките продукти и услуги, и на бизнисот воопшто)

Но и неколку клучни разлики, како на пример:

  • домеините не се уникатни по природа (не се директен плод на креативност)
  • не подлежат на формално-правна проверка (се стекнуваат релативно лесно)
  • имаат само еден сопственик (во ИС сопстеноста може да биде задничка)

Затоа, пред да се одлучите да регистрирате домен – име за вашиот нов стартап, најпрвин започнете со следните неколку чекори:

  1. Проверете дали домеинот е слободен – во зависност од тоа каде ќе правите регистрација, може да изберете најчесто користено генеричко име, или сопствен бренд. Генеричкото име има поголема веројатност корисниците да го запаметат и пребарувањето за нив да е полесно. Идеално, тоа треба да биде доволно засебно за да може да се штити и согласно законот за трговските марки – бидејќи домен имиња може да бидат заштитени како трговски марки во некои земји, меѓу кои и во Македонија. Но, внимавајте дека во овој случај би можеле да имате потешкотии во градење на било каков посебен углед или репутација за тоа име, па дури и повеќе тешкотии во спречувањето на други од користење на вашето име помеѓу конкурентите.
  1. Изберете домен име, кое не е трговска марка на друг бизнис и не е светски позната трговска марка – голем дел од законите ја сметаат регистрацијата на домен име под трговската марка на друго лице / бизнис, како повреда на трговската марка (’cybersquatting,) и во тој случај вашата компанија можеби ќе мора да го пренесе или да го откаже домен-името, како и да ја надомести евентуалната настаната штета на другата страна.
  1. Проверете дали името е веќе регистрирано како постоечки бизнис (пр. во Централниот Регистер) – овие проверки ќе ве предупредат дали некој друг бизнис веќе тргува под исто, или слично име на вашиот предложен домен, што идеално ќе ве спаси од многу главоболки и докажувања ‘кој бил прв’ во иднина.
  1. Размисли која форма на екстензија на доменот најдобро одговара на твојот бизнис – на пример, ако вашиот бизнис тргува само во Македонија, можеби е подобро да регистрирате име со .mk, org.mk или mk екстензија. Но, ако тргувате меѓународно, тогаш можеби е соодветно да размислите за регистрација на екстензија со: .com, .co или .mе. На крајот на краиштата, изборот ќе зависи од вашите конкретни бизнис и маркетинг потреби.

Иако официјално не спаѓа во ИС, доменот ја има уникатната моќ да ја зголеми, промовира и заштити веќе постоечката интелектуална сопственост на твојот бизнис. Во виртуелниот свет – доменот претставува дигитална репутацијата на твојот бренд!

Ѓорѓи Рафајловски

Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!