Околу 200.000 Хрвати се иселија по влезот во ЕУ, но сега имаат интерес од млади луѓе од Јужна Америка да се населат во Хрватска

Хрватска за само седум години, од 2013 година кога стана членка на ЕУ па до крајот на 2019 година, остана без околу 200.000 жители, покажуваат податоците на Хрватскиот државен Завод за статистика.

Според податоците, Хрватска кон крајот на 2012 година, пред нејзиното приклучување во Унијата, имала малку повеќе од 4,26 милиони жители, а кон крајот на 2019 година населението изнесувало помалку од 4,06 милиони.

Но освен големи иселувања на Хрвати, странци од помалку развиени држави сакаат да се населат во Хрватска. Како на пример десетици илјади млади луѓе од Јужна Америка кои сакаат да се преселат во Хрватска, за што пишуваше во средата Вечерњи лист, наведувајќи дека проблемот на потомците на хрватските иселеници бил јазикот, и дека немало програма за нивна интеграција и справување.

И пред пандемијата, Хрватска беше над просекот на ЕУ во однос на увоз на странски работници што се од држави надвор од ЕУ бидејќи примала 12 странски работници на 1.000 жители, додека ЕУ примала во просек по 7 странски работници кои доаѓаат надвор од ЕУ на 1.000 жители, а минатата година Хрватска имала 81.000 странски државјани од трети земји кои имале дозвола за престој, пишува Вечерњи лист.

-Нашата државна администрација не го олеснува нивното доаѓање, немаме програми за нивно интегрирање или помош при нивно вработување, а ни недостасуваат работници. Според странските истражувања, Хрватска има голема шанса во иднина бидејќи пандемијата го промени начинот на живот и работа и луѓето можат убаво да живеат во Хрватска особено на островите и да работат за австралиски или американски компании, вели Периќ Касељ за Вечерњи лист.

error: Content is protected !!