Ковачевски тврди дека договорот за коридорите 8 и 10д може да го видат само одредени институции, но не и обичните граѓани

Премерот Димитар Ковачевски на иста линија со неговиот заменик, првиот вицепремиер Артан Груби, дека не крие ништо, а договорот со „Бехтел и Енка“ не може да се објави јавно затоа што е со степен на доверливост. Тој објасни дека договорот можат да го добијат на увид одредени институции, како и Јавното обвинителство, ако го побараат. Ковачевски ги повика владите на САД и на Турција да одговорат, како што рече: „дали од нив или од нивни компании во изминатите две години некој нешто барал од оваа држава во однос на овој проект“.

– Тоа се однесува и на други договори при изведбени и проектантски проекти. Никој ништо не крие од никого – рече Ковачевски, посочувајќи дека во државава се работи врз основа на закон и Устав и демантира дека има пенали за државата поврзани со овој договор.

Коментирајќи го тоа доколку се усвои од пратениците да се овозможи само за ваков тип на проект од стратешко и национално значење да има 60-часовна работна недела, според Ковачевски тоа ќе значи дека проектот ќе трае и ќе чини помалку.

– Доколку остане како сега со 40-часовна работна недела, иако сега има некои сектори што работат во недела и тоа е платено, тоа значи дека ќе трае подолго и плус ќе се плати повеќе работна сила што ќе биде донесена од странство – рече Ковачевски.

– Специјалниот закон е предложен од пратениците и е донесен без некој да биде против и сите постапки понатаму се правени во согласност со тој закон. Сметам дека пратениците имаат доволно знаење, искуство и визија за да донесат законски решенија кои ќе обезбедат побрзо и поефикасно работење на компаниите проектанти и изведувачи на проектот за конечно нашата држава добие Коридор 8 и Коридор 10д, како што заслужуваат граѓаните, а како што ги немала досега државата – рече Ковачевски.

Премиерот потсети и дека според Договорот, „Бехтел и Енка“ треба да користи 51 процент ресурси од државата, а остатокот ќе биде од странство.

– Се работи за голема корпорација која ги има завршено своите проекти во регионот, а имаат проекти и надвор од регионот. Тие имаат на располагање и работници и механизација што ќе ја донесат од странство, но ќе ја користат доминантно и механизацијата што е на располагање од државата, нормално под комерцијални услови – рече Ковачевски.

error: Content is protected !!