Компанијата „Теламон – Европа“ денеска го отвори вториот производствен погон
Компанијата „Теламон – Европа“ денеска го претстави новиот, втор производствен погон со површина од 2 200 метри квадратни, во кој се планира инсталирање на два дополнителни центра за кримпирање кабли.
Ова е дел од инвестицискиот план за експанзија на „Теламон – Европа“, фирма ќерка на американската корпорација „Теламон“ (Telamon Corporation), со седиште во Индијана, САД.
Според динамиката за работа, како што беше речено на денешниот настан по овој повод, најдоцна до крајот на јуни 2023 година во новиот производствен погон ќе биде инсталирана и ставена во функција линија за склопување делови за автомобилската индустрија што предвидува и отворање 300 работни места. Инвестицијата значи зголемување на капацитетот на производството на „Теламон – Европа“ на 10 милиони единици, планирани до крајот на 2023 година.
Покрај најавената нова линија, која се очекува да профункционира до крајот на месецот, планирана е и конфигурација на втора производна линија која ќе биде оперативна најдоцна до септември 2023 година.
Досегашната инвестиција на „Теламон“ од пет милиони евра се зголемува и со оваа нова производна единица компанијата книжи вкупна инвестиција во државата од осум милиони евра. Покрај директната финансиска инвестиција, „Теламон – Европа“ на годишно ниво, по основа на придонеси и даноци, во буџетот на Македонија уплаќа над 400 илјади евра.
-Оваа нова инвестиција на „Теламон“ означува ново поглавје во плодното партнерство кое го имаме од 2018 година, а кое несомнено носи економски и социјални придобивки за граѓаните. Владата преку своите политики за поттикнување нови инвестиции е подготвена да продолжи да ја дава потребната поддршка и да создава средина што поттикнува раст, иновации и заеднички успех, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Според него, преку „Планот за економски раст“, „Теламон“ доби цврсти основи за долгорочен раст и одржлив успех на глобалните пазари.
-Тоа е довербата која успеавме да ја изградиме кон оваа индустрија и затоа денес сме овде на свеченото отворање на нов производствен погон од 2.100 метри квадратни во кој, како дополнение на постоечките 200 вработени, проектирано е отворање на 300 нови работни места, со плати повисоки од просечната нето плата. Досегашната инвестиција од пет милиони евра во бизнис плановите предвидено е да се зголеми на 8 милиони евра, рече Битиќи и оцени дека влијанието на оваа нова инвестиција на „Теламон“ има потенцијал да предизвика брановиден ефект кој ќе поттикне понатамошни инвестиции и ќе ја подобри нашата севкупна конкурентност на глобалната сцена.
Според Георги Тренкоски,менаџер во „Теламон – Европа“, бројките говорат многу за остварените цели и развојот на деловната стратегија на „Теламон“.
-Во изминативе пет години, откако почнавме со работа, се случија низа настани кои, и покрај тоа што имаа силно влијание и импакт, дополнително нé мотивираа да сме силни и умни во водењето бизнис. Со знаење, посветеност и креативност демонстриравме како се постигнуваат извонредни резултати кои ги надминуваат плановите и проекциите. Секако, сето ова немаше да биде возможно без поддршката која ја имаме од домашните институции, довербата од нашите клиенти, и пред сé посветеноста на нашите колеги и вработени. Продолжуваме понатаму, инспирирани и подготвени – за прогрес, за нови деловни подвизи и уште поголеми достигнувања, рече Тренкоски.