Деспотовски:Џон Малкович повеќе беше заинтересиран да гради станбени и деловни згради во Скопје, отколку да гради филмски град
Јован Деспотовски, директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24 рече дека проектот „Филмски град“ во Скопје најавен од светската филмска ѕвезда Џон Малкович бара да му се дадат локации за изградба на станбени и деловни згради, кои тие потоа ќе ги продаваат. Депотовски во овој случај вели дека земјиштето „не може да се даде беспари“.
-Претставници на компанијата на Џон Малкович дојдоа кај нас за правење филмски град, вели Деспотовски. Но, тој проект се состоеше од повеќе сегменти а само дел беше филмски град. Во проектот имаше и резиденцијален дел што е нешто што нас не не интересира оти тој сегмент е развиен во нашата земја.
Се согласивме веднаш да се започне со филмскиот град, но претставниците на компанијата инсистираа прво да се реализира резиденцијалната градба па потоа филмскиот град. Нам тоа ни беше сомнително оти не носи приход за државата. Едноставно, студијата не им беа приоритет, вели Деспотовски.
-Тешко дека се исплатува некому да му се даде убаво парче во центарот на градот за да се отвори филмско студио кое би било патемен бизнис, вели тој и додава легитимно е тие да побараат, но и ние да ги одбиеме.
Тој додаде дека од страна на државата им било понудено веднаш да се почне со изградба на филмскиот град, дури тоа да го направат домашни компании, а тие само да дојдат, да донесат технологија и да почнат да снимаат. Меѓутоа, сакале прво да градат згради и да продаваат станови.
-Ако сакате брутално искрени да бидеме, да. Јас немам проблем тоа да го дискутирам. Понудивме сегментот на филмскиот град веднаш да го реализираме во една од нашите зони. Веднаш, земјиште да лоцираме за таа намена, дури и да обезбедиме контакт со домашни фирми кои биле подготвени тоа да го изградат и да го дадат под наем, само компанијата да дојде, да донесе технологија и да донесе клиенти да се снима тука. Сегментот на недвижност, комерцијален елемент, тоа го немаме бидејќи тоа си е сосема друг ресор во државата. Меѓутоа, претставниците на компанијата инсистираа прво на тој сегмент, пред да се реализира делот на филмскиот град, додаде директорот на ТИРЗ.
