Туџаров: Нашиот канабис е со најдобар квалитет во светот – катастрофа e ова што го прават политичарите со законот
Нашиот канабис е со најдобар квалитет во светот. Македонските производители создадоа цвет со 18 проценти ЦБД, а тоа е светски рекорд. Светски рекорд имаме и во производство на 25 процентен ТХЦ во цветот од нашиот канабис. Tоа никој не го знае. Треба да се извезува, а виновни што не се извезува се тие кои ние сме ги избрале. Веднаш треба да се донесе предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, изјави денеска Иван Туџаров, генералниот директор на компанијата Реплек фарм.
Тој посочи дека измените во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци требаше да се дополни во изминатите три години.
„Не е битно дали функционерите имаат полиња, битно е дали го почитуваат законот. Ако не го донесеме законот губиме огромен приход и не го збогатуваме овој народ. Приходот на Македонија мора да се зголеми“, потенцира Туџаров и додаде дека народот мора да има плата многу повисока од 400 евра.
Лани вредноста на пазарот со производите од канабис за медицински цели беше 19 милијарди долари. За годинава проценката е дека таа бројка ќе биде 100 милијарди долари.
„Зошто Македонија да не биде дел од тоа со само 2-3 милијарди долари. Знаете што тоа ќе значи за нашата земја. Не ми е јасно како можат нашите политичари вака неодговорно да се однесуваат со еден ваков потенцијал. Секој ден губиме огромен приход. Ние увезуваме цвет од канабис од Холандија со многу послаби карактерстики од овој што сега седи по магацините во Македонија и поради недонесувањето на овие законски измени губи од квалитетот.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто пациентите сѐ уште купуваат масло од канабис на црниот пазар со образложение дека во производите на компанијата има ниска концентрација на TХЦ, Туџаров истакна дека црниот пазар не може да се запре, туку може да се намали.
„Црниот пазар произведува TХЦ во разни услови дали со нафта, газија, на секаков начин. Знаете што е проблем, кога еден државен министер за здравство ќе седне со еден таков џанкер и ќе дискутира за законот“, рече Туџаров.
Туџаров рече дека во соработка со германски партнер инвестираат во нова високо специјализирана фабрика со највисока технологија и строго наменети услови за изработка на производи кои содржат екстракт од канабис, што се простира на површина од 1.300 метри квадратни. Тој најави изградба на нови две фабрики за финален производ, едната ќе биде на просторот меѓу Тетово и Гостивар, а другата во Струмица или во Дојран.
„Планираме во секој погон да има минимум 50 до 100 вработени, а на работните места што ќе бидат на полињата ќе има илјадници луѓе вработени. Нема да има невработен во Македонија ако го препознаеме моментот“, додаде Туџаров.
