Независната угостителска комора: Ќе има масовни отпуштања во угостителството
Независната угостителска комора (НУК) предупредува дека најновиот предлог на Комисијата за заразни болести за ограничување на работата на угостителските објекти до 21 часот ќе придонесе за намалување на вработеноста во овој услужен сектор, но и дека голем број од вработените самоиницијативно ќе бараат друга посигурна работа.
„Оваа нова препорака од Комисијата за заразни болести – кратење и цепкање на работно време, повторно мерка наменета исклучиво за угостителските објекти, ќе ги принуди угостителите да извршат рационализација на вработувањата што за жал ќе доведе до масовно напуштање на работните места од страна на самите угостителски работници. Да бидеме јасни – угостителите ќе настојуваат на секој начин да ги задржат и да не ги отпуштат своите вработени. Но, она што очекуваме да се случи е дека угостителските работници веќе нема да го имаат истиот елан, интерес, желба и потреба да работат и бараат работа во угостителскиот сектор бидејќи истиот нема да биде во можност да им понуди стабилност и сигурност на работното место и на соодветните надоместоци, што ќе придонесе до појавата на масовно напуштање на работата од страна на самите работници”, се вели во денешната реакција од НУК.
Оттаму оценуваат дека со препораките за ограничување на работењето на угостителските објекти не е намален бројот на заболени, туку е направена само штета на угостителската индустрија. Од ова здружение ја најавија можноста да бараат отштета по судски пат.
