Индустриското производство со раст од 10,7 проценти во првиот квартал
Во март годинава, во споредба со март минатата година, индустриското производство бележи раст од 8,9 проценти.
Државниот завод за статистика објави дека индустриското производство во првиот квартал од годинава, споредено со истиот период лани, е зголемено за 10,7 проценти.
Гледано по сектори, индустриското производство е зголемено за 15,4 проценти во преработувачката индустрија, а е намалено во секторот рударство и вадење камен за 7,5 проценти и за 14,2 проценти во снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Според главните индустриски групи, производството во март годинава, во споредба со март минатата година, бележи пораст кај интермедијарни производи, освен енергија за 3,2 проценти, капитални производи за 63,6 проценти и нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,4 проценти, а опаѓање бележи кај енергија за 19,9 проценти и кај трајни производи за широка потрошувачка за 26,8 проценти.
Порастот во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ на зголеменото производство во одделите за производство на прехранбени производи, пијалаци, облека, на други неметални минерални производи, машини и уреди, неспомнати на друго место, електрична опрема и производство на моторни возила, приколки и полуприколки.