Започна изградбата на рудник во рударскиот комплекс во Казандол

Kомпанијата Сардич МЦ денеска во Казандол, Валандовско, го постави камен темелникот на рударскиот комплекс за производство на катоден бакар со што првпат по 40 години во Македонија ќе се гради рудник.

Станува збор за англиско-украинска инвестиција која е проценета на 35 милиони евра, а во првите седум години се очекуваат приходи од околу 135 милиони евра или околу 20 милиони евра годишно.
Компанијата одлучи да инвестира во Македонија по двегодишни истражувања кои покажаа дека во Казандол има резерви од 33 милиони тони рудна количина, а досега за експлоатација се потврдени за 20 години. Капацитетот на рудникот е 4.000 тони катоден бакар, а ќе биде вградена современа технологија од фински „Аутотек“ која нема да има негативно влијание врз животната средина. Во комплексот се планира да се изгради фабрика во која директно ќе бидат вработени 100 лица, а индиректно во целиот комплекс се очекува да бидат ангажирани 150 лица.

Согласно предвидената динамика на вработување од страна на инвеститорот, 36 лица се веќе вработени, а останатите вработувања ќе бидат реализирани во следните 12 месеци, што значи за една година 250 лица ќе го поминат процесот на обука и ќе се вработат во рудникот Казандол. Тоа е одлична вест за Валандово и граѓаните на Валандово, за кои како Влада изминативе години реализиравме голем број проекти со кои дополнително се подобруваат условите за живот, рече премерот Димитриев.

Тој додаде дека радува и фактот што инвеститорот веќе работи и на истражување на рудниот потенцијал во наоѓалиштето Плавуш и во наоѓалиштето Петрошница бидејќи почетните истражувања на Петрошница покажале одлични резултати и голема е веројатноста за неколку години во Старо Нагоричане да започне голема инвестиција за изградба на рударски комплекс.

Ова е првата фаза, а со отворањето на следниот рудник компанијата планира и отворање дополнителен погон за преработка на катодите во бакарни цевки и валана жица.Покрај концесијата за Казандол, компанијата „Сардич МЦ“ врши истражување и во Плавуш во Валандово и во Петрошница во Старо Нагоричане.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!