За парите и грижата на совест

Едно од сознанијата што потешко му паѓа на човечкиот ум е фактот дека парите претставуваат материјализирана енергија. Или уште подобро речено, тие се материјализирана љубов. Парите се плод на човековата креативност, на она што тој го создава. Колку е општествено покорисно и повредно нештото што човекот го создава, толку наградата е поголема. Парите всушност секогаш ни се враќаат како награда за енергијата што сме ја вложиле во  продуктот кој сме го создале. Затоа велам дека парите се материјализирана енергија или љубов. Меѓутоа уште од дамнешни времиња, и речиси во сите религии на парите се гледа како на некое зло. Честопати се верува дека богатите луѓе се алчни и себични или дека носат голема празнина во себе, како и тоа дека нивните животи се повеќе несреќни отколку среќни.

И тоа можеби е вистина доколку крајната цел на личноста е да има што повеќе пари, притоа не бирајќи средства како ќе дојде до нив. Затоа е секогаш важно човек да биде свесен од која позиција го прави тоа што го прави. Дали го прави од позиција на љубов, или од позиција на его, вклучувајќи различни црти како себичност, алчност, егоизам итн. Можете да видите двајца луѓе како работат една иста работа, но становиштето во врска со таа работа, кај двајцата е  различно. Тие двајца можеби ќе заработат иста сума на пари, но квалитетот на продуктот, ни од далеку не е ист, колку и да е тоа невидиливо за туѓото око. Но, дури и кога човек  прави од позиција на его е сосема во ред, се додека не прави штета за сметка на другите луѓе околу него и тоа ќе го објаснам во продолжение зошто е така.

Во секој случај вистина е дека богатите луѓе понекогаш се помалку среќни од сиромашните поради една едноставна причина, а тоа е дека не знаат да уживаат во тоа што го имаат. Не случајно секојдневно сме сведоци на бројни самоубиства кои ги извршуваат богатите и славните личности. Тоа е така бидејќи тие луѓе се што сакале оствариле и се случува да немаат повеќе желби. Тогаш умот “ги става“ во една безизлезна ситуација “велејќи им“ дека ништо повеќе во нивните животи нема смила. Тоа не се случува случајно. Имено, овде се работи за подлабоки психолошки процеси, па откако човек ќе оствари се што имал на ум, еднакво му се отвораат три можности: да почне да креира одново, но со нов квалитет, да побегне од себеси, или да се самоубие. Неможноста на луѓето да се отворат кон креацијата, ги води до самоубиство.

Сиромашните пак, се посреќни бидејќи постојано живеат во надеж за подобро утре. Богатите луѓе можеби јадат подобра храна и се облекуваат подобро, но како што реков, се случува да не уживаат во тоа што го имаат и тоа не е случајно. Всушност, тие неретко живеат во постојан страв и во грижа на совест за тоа што тие имаат, а сепак на светот има толку други луѓе што немаат. Поради тоа се случува да замолчат за тоа што го имаат, настојувајќи да го сокријат, токму поради тој страв. Дури честопати се осудувани од тие што немаат, но исправно е човек да остане свесен дека сепак е тоа поради завист. Интересен парадокс се случува ако сиромашниот човек добие макар четвртина од тоа што го има богатиот. Тогаш нему му се случува неверојатна транформација. Вообичаено на виделина излегуваат сите негови неостварени(затаени) желби кои одрекувал дека ги има, па почнува да се однесува на ист начин како и богатиот, иако до вчера го осудувал за тоа што го прави.

Во суштина, парите ни се многу важни бидејќи само на тој начин човек може да го спознае духовното и никако поинаку. Погрешно е верувањето дека сиромашните луѓе се подуховни за разлика од богатите. Имено, според пирамидата на мотиви од американскиот психолог Абрахам Маслов на прво место се наоѓа потребата за задоволување на најосновните нагони, односно физиолошките потреби за храна и вода. Потоа на човекот му е потребно живеалиште, па пријатели и партнер, потоа стекнува самопочитување и на крајот доаѓа до најдобрата верзија од себе, односно до самореализацијата. Човек треба да помине низ сите претходни фази за неа да ја постигне. Би требало да биде најаден, напиен, облечен, да ги исполни своите желби и да ги оствари своите потенцијали за на крај да се самореализира. Од друга страна човек кој е гладен не може да биде заинтересиран за класична музика или уметност. Се разбира дека нему приоритет му е да најде храна. Тој не е заинтересиран да посети опера или да го слуша Моцарт. Единствениот пат човек до духовното е да ги исполни сите желби на своето его. Треба прво да има, па потоа доброволно да се откаже од тоа што го има. И дури тогаш би почнал вистински да креира од љубов.

Затоа почитувајте ги парите и уживајте во нив. Креирајте од љубов колку е можно повеќе и сакајте го она што го работите, бидејќи низ вашата работа вие се вознесувате себеси. Ако продуктот кој човек го сработил е “грд“, значи дека и човекот од внатре е “грд“, и дека покажува основна негрижа, како и непочитување кон самиот себе, но ако е вреден и корисен, тогаш и неговото срце е поотворено кон светот, а и кон самиот себе.

Дора Попова Узуновски

психолог и социотерапевт

www.czpdora.com.mk

error: Content is protected !!