Збогатување и зголемен доход не е исто

Слушам за група деца во Скопје љубители на животни, кои се помагачи на кучиња и мачиња скитници, собирале долго време пари од локалните сограѓани, со цел да им помогнат на кутрите животни. Летово кога дошол распустот, дошле до идеја да соберат повеќе пари. Како? Помагајќи им на старите луѓе, купувајќи им намирници од продавница, за цена од 20 до 50 денари. Постарите луѓе, поготово кога температурите се екстремно високи, потешко можат да се движат и да набават се што им е потребно … а особено сето тоа да го качат на којзнае кој спрат.

dag

Значи во првиот случај децата фактички собирале милостина, не нудејќи ништо за возрат. Во вториот случај, кога ја понудуваат својата услуга, тие фактички го збогатуваат општеството. Дистрибуција на намирници до дома, пензионерите немале пред појавата на групата деца. Тоа е услуга кој ним им донела добро, а тие доброволно се нафатиле да ја наградат. Колку и да е банален, тоа е типичен пример на збогатување. Се појавува нова услуга, луѓето доброволно ја прифаќаат бидејќи РЕАЛНО им го подобрува животот на некој начин, и тоа по прифатлива цена, од која добива и другата страна. WIN:WIN!

Сосема друг случај е зголемувањето на минималните плати. Владата одлучила, работодавците да исплатуваат минимум 12 000 денари, или во спротивно следува казна или можеби затворање на фирмата (зависно што се предвидува со законот). Во овој случај НЕМА доброволна размена, ниту има зголемување на богатсвото… сеедно што вработените (по предпоставка ниеден да не биде отпуштен) ќе добијат повеќе пари. Наместо цената на трудот да му се остави на пазарот, владата арбитрарно одредува бројка над пазарната цена, која од сметката на работодавачот, се префрла на работникот. Кога тие пари би останале кај работодавецот, или би биле реинвестирани, или би биле заштедени во банка… или (најчеста претпоставка) работодавецот би ги потрошил за себе.

Што и да одбере да прави работодавецот со сопствените пари, тој ги помага пазарно одржливите бизнис циклуси. Или ќе награди пазарно успешен производ/услуга (доколку парите ги потроши) или ќе го зголеми кредитниот потенцијал на банките за финансирање на нови или проширување на постоечките бизниси (ако ги заштеди) или едноставно ќе го прошири сопствениот бизнис служејќи повеќе луѓе. Пазарно одржлив бизнис циклус оди исклучиво по редослед: заштеда, инвестиција, профит. Прво мора да се произведе, потоа да се троши прво да го зголеми производството, потоа доаѓа збогатувањето И ТОА НЕРАМНОМЕРНО.

Непазарното зголемување на нечии доход, ги насочува средствата кон пазарно неодржливи циклуси. Политичкото зголемување на платите, субвенциите, одржувањето во живот на неуспешните банки, задолжувањата на владата…. најчесто одат кон инвестиции кои луѓето не ги прифаќаат, или помалку ги прифаќаат на пазарот. Непазарно зголемените плати, овозможуваат потрошувачка која е пазарно неодржлива, луѓето почнуваат да трошат или повеќе, или нови производи/услуги кои не би си ги дозволиле со пазарна цена на трудот. На тој начин, на долг рок цените се движат нагоре, парите вредат помалку, и ефектот се губи … иако бројките покажуваат зголемување на потрошувачката (БДП), работниците многу малку или воопшто немаат зголемен животен стандард.

gradezna__15

Слично се случува и кога државата ќе подигне кредит, па ќе го потроши на земјоделие кое пазарот не го купува, на администрација која е непотребна, или на проекти во кои никој не гледа профит, односно нема поврат на вложените средства. Во сите овие случаи ќе добиете економски раст, но не и пораст на животниот стандард, не и збогатување. БДП како равенка ќе ја регистрира зголемената потрошувачка, но за жал негативната страна на билансот (зголемените долгови) го амортизираат позитивниот ефект. Тоа што Кејнз го игнорира ваквиот момент, не значи дека тој не се случува.

Самиот факт дека задолжувањето расте побрзо од БДП, е јасен знак дека парите одат во неодржливи циклуси, а целата држава во банкрот. Тоа што тајмингот на банкротот е тешко да се погоди, не значи дека истиот не доаѓа. Кога ќе видите цунами бран на хоризонтот, немора точно да знаете кога тој ќе удри на брегот, ама паметно е да се тргнете на безбедно место … и доколку сте политички фактор, тогаш уште попаметно е истиот да не го ни предизвикате.

Финансиското цунами кое денес го игнорираат сите политички елити, додека повиканите експерти го спомнуваат некако со пола уста, или на маргините на своите обраќања… прво ќе ги погоди најсиромашните, социјално најосетливите, оние во чие име се водат изборни битки, се прават политичко-планерски шеми. Сите оние кои денес се занимаваат со меѓуетнички дриблинзи, дипломатски трговии, коалициони комбинации, сите оние кои шират патетика наместо логика за актуелните плати … ќе мора еден ден да објаснат, на кој начин нивните добри намери не довеле до пеколот.

Бидете спремни за неверојатно глупави објаснувања, на поврзување на неповрзливи случаи, на дриблање со “стручни термини” и шаренило од меѓупартиски обвинувања. Ништо од тоа нема да ви ги плати сметките, да ви ги нахрани децата, ништо од тоа нема ниту да ве облече, ниту да ви го загрее домот. Самите морате, сега и веднаш да работите на сопствениот животен стандард, самите сте најодговорни за себеси.

Почнете ако треба и “на црно” во ќеш, ама некако почнете. Од државата барајте да ви се тргне од патот, да не ве замара со даноци, работно време, фискални, одобренија, лиценци… тоа е најпаметното што државата може да го направи, а за почеток не би било лошо да се исфрли Кејнз од наставната програма, и на негово место да се стават Менгер и Мизес. Па барем во иднина да не произведуваме кадри кои произволно ќе измислуваат “потрошувачки кошници” и ќе молчат кога долговите ќе растат побрзо од богатсвото.

На крај, за да ја смирам евентуалната паника, ќе ви кажам дека државата има се уште ресурси и капацитети за продавање, иако нивната цена во услови на банкрот ќе биде пониска, средства за одлагање на финансискиот удар се уште сме во состојба да набавиме. Ама тоа незначи дека нашиот колач се зголемува, туку дека позајмениот се намалува.

Виктор Трифуновски

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!