На кои телевизии македонците гледаат највеќе вести?

Новата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), спроведена во периодот од 4 до 21 август годинава, покажа дека најголемиот број од македонските граѓани се уште се информираат за политичките настани преку телевизија, а најмалку преку радиото.

Според истражувањето, најголемиот дел од испитаниците (20%) изјавиле дека политички вести гледаат на телевизија Сител, односно Алсат-М (16%), по што следуваат Телевизија 24 (13%), Телма (12%), Канал 5 (11%), МТВ на македонски јазик (9%) и МТВ на албански јазик (3%). По 1% од испитаниците се изјаснале дека вести гледаат на ТВ 21, Шења и Алфа, додека пак 9% истакнале дека не гледаат телевизија.

85% од граѓаните се изјаснале дека нивен главен извор за политички вести е телевизијата, 39% изјавиле дека се информираат преку интернет, 27% истакнале дека нивни извор за политички вести се пријателите, а само 6% од граѓаните се информираат преку печатените медиуми, односно 4% преку радио.

Во однос на трендовите, забележлив е значаен пад на процентот на граѓани кои се информираат преку печатените медиуми (6%), двојно помал од процентот во анкетата на ИРИ од минатата година. Од друга страна, за 7% е зголемен бројот на граѓани кои го користат интернетот како главен извор за информации поврзани со политичките настани.

error: Content is protected !!