Трамп, една година на чело на светот

Една година после изборот на Трамп, американската економија не била послободна уште од времето на Реган, расте речиси 3 пати побрзо од времето на Обама, со далеку пониско ниво на задолжување…плус да бидат интервенционистите поразочарани, расте и цената на доларот.

Кејнзијанските теории, според кои инфлацијата наводно ја стимулирала вработеноста, и обратно…се растурени по незнам кој пат во пракса. Но наместо ова, од Америка стигаат вести за пикантерии од Белата Куќа, како и непроверени тролови кои се на работ на сериозноста.

Притоа, плиткоста, површноста и интелектуалната малодушност никогаш не била на помизерно ниво кога стигале вести од Америка. Веројатно најголемото „зло“ кое го направи Трамп, е што не почна војна со никого, отворено покажува антагонизам кон ЕУ, ги тресна од земја сите зелени небулози, никого не притиска на членство во НАТО, не е многу загрижен за реакциите во однос на неговиот вoкабулар…плус тоа, гајле му е што се случува со тоталитарните НВО-а во земјите со авторитарни власти како Русија.

За велфер фанатиците и човеко-правашите, за НВО-џаболебарите, за носителите на непотребните државни функции и слични булшит позиции, од двете страни на Атлантикот, сето ова е кошмар… а Трамп е најголемо зло кое било кога влегло во Белата Куќа.

Неговата намера да им ги скрати фондовите, и да ги натера да си го испотат задникот ако сакаат да заработат, е вистинска катастрофа за многу јавно преценети авторитети. Затоа кај Трамп се поважни маргиналните состаноци (на некој маса употребил израз „усрани дражави“) одколку крајните резултати од неговотo работење.

Деновиве излезе една петпарашка книга, чии автор шетал помеѓу чистачите, градинарите, готвачите во Белата Куќа, па создал четиво кое е духовна храна за неутешните и мрсулави „Анти-Трамписти“.

И покрај тоа што самиот автор призна дека не дошол во контакт со било кој директен соработник на Трамп, и покрај тоа што неколку авторитети јавно демантираа многу натписи во книгата, сепак „Оган и Бес“ (Fire and Fury) на Мајкл Волф стана бестселер за оние кои поразот на Хилари пред една година, го испратија со солзи како на погреб во Северна Кореја. Или како што вели ѓубрето на демократите-ЛА Тајмс пред некој ден:„Книгата била премногу добра за да се проверува колку е вистинита“

Книгата е полна со „сериозни политички анализи“ кои некогаш биле објавувани по женски списанија или утрински програми. Во неа се вели колку Трaмп хрчел гласно додека спиел, на која страна од креветот легнувал, дали го дојадувал ручекот или доручекот, како се однесувал со саксиите, ѕидните слики, колку тоалетна хартија трошел, како гестикулирал кога бил нервозен, како ги примал шегите и лошите вести, и сл.

Нормално, врз основа на ваквите „длабоки научни анализи“ изграден е профил на „психопат“ кој нели, претставувал закана за Америка и светот. Токму ваквите глупости деновиве се „ТОП ВЕСТ“ од Америка, а не нејзината економија. За жал, во тој циркус учествуваат и нашите медиуми, како и сите оние кои CNN, MSNBC и сличните ги сметаат за сериозни медиуми.

Виктор Трифуновски

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!