Турски „Мурат Тиџарет“ ја почна инвестицијата во Македонија

Турската компанија „Мурат Тиџарет“ денеска почна изградба на фабрика во ТИРЗ Скопје 2, каде инвестира околу седум милиони евра и планира да отвори 300 работни места, кои во иднина би стасале до 500.

Во новиот капацитет, на површина од 6.000 метри кавдартни, ќе се произведуваат кабли за автомобилската индустрија, наменети за европскиот пазар и САД.

Генералниот директор на Мурат Тиџарет, Шахан Мурат Гора на стартот на инвестицијата потенцираше дека ја одбрале Македонија за дестинација за вложување поради потенцијалот за раст, позитивните услови за инвестирање, географската положба и близината со европскиот пазар, како и политичката стабилност и блиските пријателски односи меѓу двете држави.

– Фабриката за која го поставуваме камен темелникот за нас ќе биде значајна точка кон европскиот пазар. Планираме од почетокот на 2019 година да почнеме интензивно со производство и во следните пет години да реализираме вработување на 500 лица, рече Гора.

Како што информираше министерот за странски инвестиции Аднан Ќахил ќе следат уште турски инвестици, но и вложувања од други држави во Македонија, а во тек се разговори со десетици потенцијални инвеститори.

Компанијата Мурат Тиџарет во Македонија ќе функционира под името Murat Wiring Systems. Според Договорот за закуп на градежното земјиште во ТИРЗ Скопје 2, потпишан во декември лани, во наредните 50 години добиваат на користење земјиште со површина од 32.000 метри квадратни.

Мурат Тиџарет е основана во 1969 година и има над 2.000 вработени и капацитети во повеќе држави.

error: Content is protected !!