Започна со работа првата домашна фабрика за пелети „Еко лајф“

Во Општина Ранковце започна со работа, првата домашна фабрика за пелети „Еко лајф“, инвестиција вредна 3 милиони евра. Инвеститорот Ивица Јаќимовски, истакна дека „Еко лајф“ е компанија која е дел од семејството Голден Арт со различна дејност но која се темели на исти вредности со целосно затворен технолошки процес за производство на пелети.

„Еко лајф е компанија со која ќе се даде акцент на еко производите во Република Македонија. Првиот производ со кој започнува производството е токму „Пелет” со кој придонесуваме по повеќе основи во Еко системот. Инвестицијата е проектирана од 3 милиони евра, временски период на реализација на инвестицијата е 6 месеци, вложени се 2 милиони и 300 илјади евра со што остатокот од 700 илјади евра ќе се инвестираат следните 6 месеци. Во моментот во фабриката се вработени 40 лица, а со инвестицијата во производство на дрвени производи, предвидено е бројката на вработени за следен период да се искачи на 100 лица” изјави Јаќимовски.

Пелетите имаат убедливо најмала емисиона вредност во однос на јагленот, нафтата и огревното дрво и согласно истражувањата греењето со пелети загадува 20 пати помалку отколку со дрва. Употребата на пелети за огрев, во домаќинствата и деловните објекти во земјите од Европската унија од година во година расте.

Во оваа фабрика ќе се произведуваат пелети за затоплување, по највисоки европски стандарди, од домашна и странска суровина, со капацитет на производство до 3 тона на час.

error: Content is protected !!