1 милијарда евра имаат акумулирано пензиските друштва од вториот столб!

Околу 500 илјади членови имаат двете пензиски друштва во вториот столб од задолжително капитално финансираното пензиско осигурување. Вкупните средства кои во овие две пензиски друштва се акумулирани од нивното формирање досега изнесуваат околу една милијарда евра.

Како што информираше на денешната седница на собраниската Комисија за труд и социјална политика членот на Советот на МАПАС, Агенцијата која е задолжена за супервизија на овие пензиски друштва, Дарко Саздов, се вршат редовни контроли на нивната работа. Контролите, истакна тој, вонтеренски се одвиваат на дневна основа, а теренски на годишно ниво.

МАПАС, потенцираше Саздов, презентирајќи го Извештајот за минатогодишното работење, покрај супервизијата на работата на пензиските друштва, работи и на подигнување на свесноста на јавноста за, како што рече, целите и принципите на задолжително капитално финансираното пензиско осигурување.

Првиот столб е задолжителниот државен пензиски фонд, Фонд на ПИОМ кој функционира на принцип на генерациска солидарност. Вториот столб го сочинуваат задолжителните приватни пензиски фондови, а осигурениците избираат еден од нив. Средствата вложени во вториот столб се инвестираат според утврдени прописи и обезбедуваат највисок степен на заштита на осигурениците и на нивните средства.

Во првиот столб од вкупно 18 проценти придонеси за пензиско осигурување од бруто-платите се уплаќаат 12 отсто, а во вториот 6 отсто.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!