Што се случуваше на седмиот Самит на Македонија 2025?

Македонија беше домаќин на најголемиот и најважниот не само македонски туку и регионален самит, а тоа беше седмиот Самит на Македонија 2025 каде Macedonian Business Hub  три дена одблиску го проследи целиот самит.

За прв пат македонските стартапи се појавија на панел-дискусија во организација на Македонија 2025 што е голем чекор кон нивната промоција, каде луѓе од Македонија и од странство можеа од прва рака да слушнат за нивните успеси, нивните проблеми како и различнитe патеки на развој на нивните стартапи.

Очигледно е дека со најголеми предизвици се соочуваат стартапите што се формирани во Македонија, прилично добро се снаоѓаат мешовитите македонско-странски стартапи, но очигледно дека најдобро им иде на стартапите од Македонците што се формирани во странство.

На сесијата посветена на македонските стартапи, говорници беа Ненад Чубриновски COO на InPlayer, Катерина Бојков ко-основач на EmbedSocial, Игор Христов CTO на Fueloyal и  CEO на 4virtus.com, Ема Попоска ко-основач на Bron.Tech и пионерот во македонските стартапи Глигор Дачевски основач na DoXteam а претходно ко-основач на Seavus.

Ненад Чубриновски од InPlayer, потенцираше дека ефтината работна сила и ниските трошоци во Македонија се наша предност.

– Oсвен парите битно е искуството, мрежите и контактите што ги добивме од VC фондот, изјави Ема од Bron.Tech. Нејзиниот стартап е платформа за менаџирање на дигиталниот идентитет базирана на crypto 2.0 концепт. За да успее еден стартап битни се три работи: капитал, талент и пазар. Македонија нема традиција за претприемништво, до пред 30 години бевме комунистичка земја, каде нашите родители не беа учени за претприемништво. Ни треба тренинг, имаме квалитетни луѓе -ќе додаде Ема.

Тоа што во Македонија може да се направи за неколку илјади долари, во САД може да чини и до 1 000 000 долари, изјави Игор Христов од Fueloyal, кој го раскажа неговото искуствo, кога идејата од која сакал да направи успешен стартап не била прифатена од професорите на македонските универзитети, кои сметале дека тоа е невозможно да се направи, но сепак времето ги демантирало професорите од Македонија.

Глигор Дачевски од DoXteam ја потенцираше важноста на искуството кое се добива со работата, на прашањето што би направил пoинаку ако пред 10 години го знаел тоа што сега го знае, Глигор одговори ништо поинаку, добив драгоцено искуство.

На Самитот беа претставени и четирите програми на Македонија 2025: Kelloogg програмата, Schulich Business School, Leader проектот и Bitove програмата. Притоа македонските претприемачи ги споделија своите позитивни искуства кои ги добиле од овие програми и дека знаењето што го добиле таму сега го пренесуваат во Македонија преку нивните компании.

Anthony B. Kim, главниот уредник на индексот за економски слободи од Heritage фондацијата, истакна дека економските слободи и економскиот раст се директно поврзани. Kim истакна дека владеењето на правото, ограничената влада (limited government), ефикасноста на регулаторите и отворениот пазар се услов за економски раст. Македонија е умерено слободна земја, чија цел треба да биде влез во слободните економски држави. На индексот за економски слободите првите шест држави се: Хонг Конг, Сингапур, Нов Зеланд, Швајцарија, Австралија и Ирска.

А последните пет држави на индексот се Северна Кореја, Венецуела, Куба и Република Конго.

Според Kim, на Македонија цел треба да и биде влез во топ 20 држави кои се економски најслободни, за да може да почнеме да ги почувствуваме промените.

Оtto Georg Schily, поранешниот министер за внатрешни работи на Германија, истакна дека тајната на успехот на германската економија е во тоа што има најдобар  тренинг систем во светот. Мислејќи пред се на тренингот кој го добиваат вработените во германските компании. Но, дека Германија има прилично високи даноци за компаниите и многу бирократија. Тој додаде дека Европа сепак заостанува позади САД, и дека Европа нема направено компанија од рангот на Google.

Беше истакнато дека човечкиот капитал е најважниот ресурс и затоа треба да се работи нa негова едукација.

Само 18 држави во светот имале висок економски раст повеќе од 16 години по ред и  тие држави имаат  три заеднички работи а тоа се: продуктивност, раст на платите и зголемен извоз. Со еден предуслов а тоа се силни институции, изјави Борко Ханџински од McKinsey.

Државите од регионот не се натпреваруваат да ја подобрат правната држава и да ги намалат бирократиите туку државите се натпреваруваат кој ќе понуди поефтина работна сила и повеќе субвенции. Но кога тие сувенции ќе прекинат тие компании ќе пропаднат или ќе си заминат,истакна Душко Крсмановиќ од CMS LAW, Србија.

Многу е важно да се има предвидлива бизнис клима, каде ќе има политичка стабилност и каде нема да се менуваат цело време регулативите и законите, зошто во таков случај многу е тешко да ги убедите акционерите во вашата компанија да инвестираат во Македонија, изјави Барбориќ Јурјашевиќ  која е директорка на Imperial Tobacco, задолжена за овој регион.

Акцентот беше ставен и на јавната администрација што ја имаат државите од регионот.

Јавната администрација треба да биде брза и ефикасна, а на Балканот таа не е, рече Дубравка Негре од Европската Инвестициска Банка задолжена за Западен Балкан.

-Македонија треба да се фокусира на 2-3 сектори каде сме најконкурентни и таму да ги насочиме нашите ресурси, пари и образование. Затоа што ако секаде ги насочуваме нашите ресурси нема да направиме ништо, изјави Илија Господинов од Endava.

-Има лага, голема лага и има статистика, јас не верувам во никакви рангирања, пред да одлучам да инвестирам во некоја држава разговарам на терен со инвеститорите кои веќе инвестирале, гледам како работи администрацијата, колку се професионални и колкава доверба можам да имам во нив, за мене лично рангирањата не значат ништо -ќе додаде Christopher Sanders од германската фабрика за автомобилски делови Kostal.

Зоран Радоњанин од македонската компанија за мебел Feydom, ќе истакне дека најголема грешка која што ја прават претприемачите од Македонија е тоа што се фокусираат на македонскиот пазар. Според него пазарот не се наоѓа во Македонија.

Кати Ицева, главен менаџер за софтверско инженерство во Microsoft, ја нагласи важноста од искуството што се добива преку учење, а во однос на технологиите ќе додаде дека, сloud технологијата веќе е зрела технологија, која заедно со AI (вештачката интелегенција), IoТ, и Edge computing се трендот.

Технологијата што ја дефинира денешницата е вештачката интелигенција. Таа беше во посед на мал број големи компании, но сега тоа е нормализирано. Сега, малите и средните компании започнуваат да профитираат од вештачката интелигенција, ќе додаде Кати Ицева, која исто така е член на бордот на директори на Македонија 2025.

Сите ја знаат Австрија по тортите, по скијачите терени, поради убавините на Виена итн. Но во Австрија IT индустријата има 6 пати поголем приход* од туризмот, изјави Christian Rupp од Државната платформа Дигитална Австрија (забелешка: најверојатно Rupp мислел на профит, не на приход, затоа што според податоците на investinaustria.at вкупната произведена вредност на ICT секторот е 36,6 милијарди евра, додека вкупните приходи од туризам изнесуваат 40 милијарди евра).

Шведската претприемачка Cecilia Hjertzell, која е ко-основач на CMO goes Tech, го кажа рецептот на Шведска поради кој имаат многу познати стартапи, не само во европски рамки, туку и во светот: Владата и стартапите работат заедно да донесат VC капитал и експерти од Силиконската долина, Стокхолм е втор хаб за стартапи во светот после Силиконската долина, ќе истакне Cecilia.

-Искорестете ги вашите компаративни предности, добрата храна, секој втор човек кој го запознав има завршено IT факултет, имате многу талентирани луѓе искористете го тоа, ќе изјави Scott Resnick, извршниот директор на StartingBlock Madison.

На панел-дискусијата посветена на FinТech и AI, Илија Лалковски од Web Factory, смета дека секоја компанија без разлика од која област доаѓа во блиска иднина ќе стане Tech компанија, од друга страна Panos Savvas ко-основач на AkoniHub од Велика Британија смета дека FinTech  компаниите нема да ги заменат банките, туку заеднички ќе соработуваат што може да придонесе многу за подобрување на услугите.

Yair Engel, основач и директор на Kayama- Центар за одржлив дизајн од Израел, ќе потенцира дека, пристапот кон одржливиот бизнис не е само во одбегнување на погрешната работа, туку правењето на вистинската работа и правењето пари со вистинскиот бизнис модел.

– Македонија и Израел имаат многу сличности, но немаме природни ресури за да се потпреме на нив. Македонија исто како и Израел треба да се потпре на претприемачите и човечкиот капитал, немаме други ресурси на кои можеме да се потпреме, ќе изјави Doron Ish Shalom, директор на програмата за развој на JVP, Play Израел.

Израел не е пазар, Израел е хаб која продава на други пазари. Според него следниве седум работи треба да ги поседува еден стартап за да успее: 1.KPI (Клучни индикатори), 2. Проактивен пристап 3.Доследност 4. (Follow-up) Фолу-ап активности 5. Градење на односи и соработка 6.Менторства 7. Ефективна мрежа 8.Пристап до паметни инвеститори 9. Пристап до глобалниот пазар, истакна Shalom.

На претпоследната сесија пред официјалното затварање на самитот, свое предавање имаше Kevin Murran од Kellogg школата за менаџмент, каде учеснииците на самитот можеа да добијат многу добра претстава каква квалитетна обука добиле претприемачите од Македонија што ја посетиле Kellog програмата. Во тие 60 минути колку што траеше предавањето, учесниците на самитот на своја кожа можеа да почувствуваат како изгледа една врвна и корисна обука.

За постојано да се подобруваш себеси, треба да рефлектираш што правиш секој ден. Размислувај на големо и гледај како да пораснеш. А ако некој те праша дали ги имаш постигнато твоите цели, а ти ги немаш, никогаш не кажувај не, само кажи НЕ СЀ УШТЕ!

Не е важно дали одите лево или десно (во контекст на политичките партии). Важно е да одиме нагоре, не надоле (мислејќи на државата)- ќе изјави Мајк Зафировски ко-основач и член на бордот на директори на Македонија 2025,  на самото затварање на Самитот.

Мајк Зафировски го истакна големиот прогрес кој го направи Македонија 2025 во овие 10 години и како секој нареден самит станува се подобар, поквалитетен и поброен. Исто така ги повтори главните стратешки цели на Македонија 2025 и како сите заедно градиме посилна нација, што е главното мото на Македонија 2025.

Macedonian Business Hub им упатува честитки на Ема Јакимовска, Александра Коложег, Љупчо Спиров, Билјана Маркович Стаменова и целиот борд на директори на Македонија 2025 и сите останати вработени, за нивната професионалност како и за добрата организација и квалитетниот избор на говорници.

П.С  На Самитот имаше повеќе од 60 говорници и сосем разумно, не можат сите да бидат опфатени во еден текст.

Александар Пандуловски

error: Content is protected !!