Во 2027 година ќе патуваме со воз до Софија

Пругата од Скопје до бугарската граница треба да се изгради до 2025 година, но за целосно железничко поврзување меѓу Скопје и Софија ќе треба да почекаме уште две години, до кога се очекува да биде изградена пругата од Софија до бугарско – македонската граница.

Министерството за финансии денеска го потпиша договорот за грант од 68,6 милиони евра од ЕУ доделен преку Инвестициската програма на Западен Балкан, а кој беше договорен минатото лето на Самитот во Трст.

Со овие средства ќе се кофинансира втората фаза од оваа пруга од Бељаковце до Крива Паланка која е дел од Коридорот 8 долга 34 километри и чини вкупно 145 милиони евра. За оваа делница летово беше објавен тендер, а се очекува градбата да започне следната година.

„Во овие неколку години бидејќи е стратешки проект за Коридорот 8, ние од наша страна ќе бидеме максимално посветени, се надевам дека нема да има проблем од страна на Бугарија“, рече Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

За првата фаза од пругата од Куманово до Бељаковце која што е закочена повеќе од две години министерот Сугарески тврди дека отстранети се пречките, по потпишување на анекс – договор со изведувачот. Градбата  е продолжи догодина. За третата фаза пак од Крива Паланка до бугарската граница која што е најскапа и чини над 350 милиони евра пари се уште не се обезбедени.

Фаза 1 – Куманово – Бељаковце, должина 31 километар – 39 милиони евра
Фаза 2 – Бељаковце – Крива Паланка, должина 31 километар – 145 милиони евра
Фаза 3 – Крива Паланка – граница со Бугарија, должина 24 километри – 350 милиони евра

Вкупната финансиска конструкција на пругата кон Бугарија, проект почнат пред 25 години се проценува да чини меѓу 600 и 700 милиони евра. Инаку пругата од Скопје до Солун се градела во седумдесетите години на 19 век, а била готова за само две години.

error: Content is protected !!