Владата ги укина, а сега повторно ги враќа економските промотори

Наместо 33, само шест промотори во три канцеларии во Германија, Турција и САД, ќе ги промовираат инвестициските можности на земјава. Овие канцеларии треба да се отворат кон крајот на годинава, бидејќи допрва треба да се направат законските измени за нивно функционирање. Владата на почетокот на годинава повторно одлучи да ги врати економските промотори на сцена, откако во 2017 година ги укина бидејќи како што тврдеше, биле неефикасни.

Директорот на Технолошко индустриските развојни зони, Александар Младеновски вели дека канцелариите ќе работат само на привлекување на инвеститори во ТИРЗ – овите. Колку ќе чини ангажманот на промоторите, од Дирекцијата немаат утврдено. Промоторите кои ги воведе претходната влада, само во 2017 година ја чинеа државата 1,2 милиони евра.

„Еден ќе биде раководител на таа канцеларија, другиот ќе биде заменик -раководител на таа канцеларија, за почеток. Едниот да може да презентира на лице место за компании кои би дошле тука, другиот да биде мобилен да презентира тоа што работиме“, рече Александар Младеновски, директор на Дирекција за зони.

Во однос на тоа дека досега не е е објавен ниту еден договор за државна помош со новите инвеститори, директорот тврди дека сите се јавни и се објавени во Службен весник и наскоро ќе ги објават и на веб страната на Дирекцијата.

„Од прилика мислам дека се шест до седум договори кои се потпишани, нови за државна помош и уште толку чекаат на потпишување поради тоа што моментално се потпишуваат договорите за закуп“, додава Младеновски.

Директорот најави измена на Законот за царини поради тоа што дел од странските компании кои што работат во земјава се жалат на неусогласеност на царинските стапки со европските. За оценката „нула“ која што ја дадоа германските инвеститори за работата на Владата, директорот се оправда дека таа е поради честата промена на законите.

Младеновски кажа дека освен на „Џонсон Мети“, на кој веќе му е истечена државната помош, десетгодишната подддршка ќе престане да важи и за уште некоку компании, но ниту една од нив не најавила повлекување од Македонија. Засега во ТИРЗ – овите има 24 инвеститори, а 18 се во фаза на реализација на своите вложувања.

error: Content is protected !!