Бугари ќе ја купуваат Еуростандард банка?

Еуростандард банка е во сериозни неколкумесечни преговори со бугарски инвеститор заинтересиран да ја купи, брифираат вработени во банката за  „Макфакс“.

Вработените тврдат дека преговорите влегле во финална фаза, а бугарскиот инвеститор веќе почнал консултации со државните институции, кои треба да ја одобрат купопродажбата.

Од Еуростандард денес ниту потврдија ниту демантираа дека се во преговори со бугарски инвеститор. Најавија одговори на прашањата од „Макфакс“ за продажбата на банката, но до објавувањето на текстот не ги одговорија.

За можното купување на банката по покажаниот интерес за акциите, не сакаа да зборуваат ниту од Комерцијална банка. Оваа банка пред две недели преку Македонската берза извести дека ја разгледува можноста за преземање акции издадени од Еуростандард за што веќе направиле контакт со раководството за размена на информации.

„Во оваа рана фаза постапката не претставува намера за преземање и во ниеден аспект нема обврзувачки карактер, освен да го изрази првичниот интерес во рамките на претходната постапка да се стекнат информации врз основа на кои би се дефинирала евентуална намера за преземање во иднина. Поради тоа, ова известување не треба да се толкува како официјална намера за преземање на акциите издадени од Еуростандард банка АД Скопје“, извести Комерцијална банка пред две недели кога некои од медиумите пренесоа дека Комерцијална банка ја купува Еуростандард банка.

Акционерите на Еуростандард позитивно одговорија на интересот на Комерцијална за преземање на акциите. Тие преку соопштение известија дека преземањето ќе придонесе за подобрување на услугите и производите што ги нуди банката.

Од Комерцијална банка не одговорија на прашањето дали во бугарскиот инвеститор гледаат конкуренција за преземање на Еуростандард.

error: Content is protected !!