Македонското биено сирење претставено на Cheese 2019 во Бра, Италија

Ова е една интересна приказна каде Мартин Трајковски и Снешка Трајковска го напуштаат Скопје за да се преселат во село Петралица, Кривопaланечко, каде што ќе започнат да произведуваат македонско биено сирење, кое ќе ги однесе до Бра, Италија, на најголемиот настан посветен на сирењата.

Ние сме скопски деца, пораснати во Скопје, просто речено градски деца сме со голема љубов кон планините. Целиот живот сме планинари и љубовта кон планината преовлада за да се преселиме во село. Немаме некоја посебна филозофија и начин на живот за да бидеме на село, едноставно планинските предели не пленат и сакавме да се будиме со поглед на планина.

Наместо за викенд да одиме на планина, сега на мајтап велиме дека на викенд одиме во Скопје. Живееме во село Петралица, кривопланечко, никој од нас не е по потекло од ова село, избрано е поради својата местоположба и карактер. Тоа е село од разбиен тип и тоа беше пресудно, не сакаме секој ден да се занимаваме со комшиите, секој си е на свое брдо или падина и си го има раатот, вели Мартин.

Преселени сме од пред 10 години, 4 члено семејство сме и децата се пораснати на село Децата одат на училиште во соседното село, бидејки во нашето село училиштето е затворено.
На кантарот за живеење на село се додава и тоа што децата ни раснат на чист воздух.

Децата се поголем дел надвор, јаваат магариња и коњи, понекогаш одиме заедно со овците на испаша, а некогаш помагаат и при молзење. Едноставно селските обврски им станаа нормално секојдневние, градат работни навики и на почетокот им беше чудно како другите луѓе живеат без животни.

Насочени сме на сточарство бидејки овците и планината одат некако заедно, едноставно овците се огромна пасија. Но покрај овците чуваме и коњ, две магариња, пчели, од време на време и по некоја свиња, многу кучиња, мачки, кокошки.

Никогаш дворот не е пуст, гужва е, од сѐ по нешто има, жива душа има на секој чекор, па човек никогаш не е осамен како што многумина си замислуваат.

Прво и основно е да има домашна храна за нас, а ако има вишок, оди за пријателите. На почетокот речиси целата храна беше домашно, лично наше производство, но како поминуваа годините, се откажавме од некои работи за да некои работи ги унапредиме.

Па сега сме насочени кон сирењето и медот. Сирењето е дури и предизвик па затоа и со голема љубов го правиме.

Со време се повеќе и повеќе истражувавме изворни начини на преживување на село, начини кои ги користеле нашите претци, па некако сакаме и традициите да се задржат.
Некои стари непишани правила кај сточарските фамилии биле дека овци, коњи и пчели имало секое домаќинство и дека тие нешта оделе заедно, веројатно самиот крај и клима го налагало тоа.

Овците како пасија не наведоа да ја собираме, чуваме и размножуваме домородната раса овци, Праменка, вид кој што е во исчезнување. Па кога веќе чуваме изворни овци, редно беше и да работиме на изворните сирења, а тоа е биеното сирење како единствено изворно македонско сирење.

Целата приказна на биеното сирење добиено од изворни овци кои пасат по пасишта не однесе во Бра, Италија, на најголемиот настан посветен на сирењата.

Она што ние го правиме го препозна организацијата Слоу Фуд и добивме покана за учество во Бра со цел да го претставиме нашето биено сирење. Бра беше одлично искуство за нас, многу видовме, многу научивме, видовме каде сме во светот на сирењата, вели Мартин.

Иако Македонија нема многу видови на сирења, сепак на светската карта на сирења постоиме со биеното сирење како единсвен македонски бренд карактеристичен само за Македонија.


Презентацијата на нашето биено сирење помина одлично. Ова се највредните коментари кои стигнаа до мене после презентацијата на нашето Биено Сирење. Овие коментари ќе не’ поттикнуваат да го унапредуваме брендот Биено Сирење како типично локален продукт.

Долги години македонските биени сирења биле карактеризирани како пресолени, годинава направивме средно солена варијанта од овчо млеко, но сепак со интензивен вкус и мирис кои поминаа одлично.

Најважното за мене/сите нас е што биеното сирење е веќе наш препознатлив производ, нешто преку што не’ препознаваат, а некои производители пројавија желба да пробаат да го направат во своите земји.

Многумина бараа производот да се доведе до целосно традиционално производство за да се затвори приказната, од изворните раси овци, преку дивите пасиша, сировото млеко, па се до зреењето во дрвени качиња.

Приказната за биеното сирење е преплетена со македонскиот бит, со македонскиот начин, комплексна содржина која не ве остава рамнодушен. Како што вели слоганот на СлоуФуд, храната е идентитет.

Едноставно му благодарам на СлоуФуд што ја препозна нашата работа и што ни овозможи да се претставиме со нашите изворни овци и изворно сирење на еден таков важен настан посветен на сирењата.

error: Content is protected !!